Вицепремиерот Љупчо Николовски најави системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите.
Во однос на тоа како ќе се проверува потеклото на имот, Николовски вели дека тоа ќе биде процес кој ќе потрае.
„Тоа се системски работи којшто се дојдени на ред во оваа држава да ги одработиме во интерес на граѓаните“, рече Николовски кој ја извршува функцијата вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
Тој најави и редефинирање на Кодексот за етичко однесување на функционерите во Владата.
„Тој ќе стане поприменлив во согласност со компаративните искуства во светот. Ќе важи максимата, нулта толеранција за корупција“, рече Николовски.
Според него, неговата координативна улога која досега ја немаше треба да даде видливи резултати во борбата против корупцијата.
„Не сакам да брзаме, па да направиме грешки, полека, никоја земја не ги остварила овие цели толку бргу“, рече Николовски.