Станува очигледно дека со оставката на господинот Ставрески, економскиот мотор на вашата Влада останува зарибан. Новиот министер за финансии треба помалку да троши за чоколадо, а повеќе за леб. Граѓаните ни се гладни, граѓаните ни се сиромашни, граѓаните бараат подобар животен стандард. Република Македонија руши рекорди и во регионот и во светот по сиромаштија, по низок животен стандард, по најниски плати,по пензии сме рекордери во сиромаштијата, рече пратеникот Марјанчо Николов.
„Парите што ги собира од граѓаните и македонската економија да ги врати во што поголем број на истите. Да не ги трошите за проекти Скопје 2014 или разни други непродуктивни расходи. Бараме да го зголемите нивото на транспареност во трошење на парите на граѓаните.
Република Македонија се наоѓа на дното по транспарентноста на Буџетот и трошењето на парите на граѓаните на Република Македонија. Со транспарентноста се наоѓаме со земји како Зимбабве, Уганда, Авганистан. Граѓаните, стопанството не знаат зошто се трошат нивните пари. Тоа ви е укажано и во Извештајот на Европската комисија и во Извештајот на другите меѓународни институции.
Првата работа што треба да ја направи новиот министер за финансии е во делот на транспарентноста. Денеска или утре власта планира да ја задолжи Република Македонија за нови 230 милиони евра. Очекувам транспарентно и јавно новиот министер да излезе пред јавноста и да каже каде и за што ќе се потрошат овие 230 милиони евра? Тука ќе покажете дали она што го зборувате сакате да излезе и во реална реализација преку транспарентото трошење на парите на граѓаните.
Бидејќи е најавен нов ребаланс на Буџетот, очекуваме значително да ги скратите ставките за економска промоција, патни и дневни трошоци, за лично луксузирање на министрите и на Владата, а парите да ги пренасочите кон она што значи економски развој на Република Македонија и повисок животен стандард на граѓаните на Република Македонија.
Јавниот долг е на историско највисоко ниво во изминативе 25 години. 45% од БДП. Односно, од 2008 година наваму, до 2016 година сте ја задолжиле Република Македонија за 3.5 милијарди евра. Кои се ефектите од овие земени и потрошени милијарди евра?
Расте бројот на блокирани сметки на граѓани и фирми. Во декември 77.000 граѓани имале блокирани сметки. Тоа е 16.500 физички лица повеќе отколку претходно. Бројот на блокирани компании се зголемил за 2300 и се искачил на 44.000, а зборуваме за трошење на Буџет од 3.2 милијарди евра, рече пратеникот Марјанчо Николов во однос на предлогот за избор на нов член во Влада“, рече Николов.