ВИДЕО: Ни снемува дрвја!

Од:

Во периодот од 2002 година до денес градското зеленило во строгиот центар на Скопје т.н. Мал ринг алармантно е намалено како резултат на градењето на зелените површини, беше речено вечерва на презентацијата на студијата „Состојби и тенденции за намалување на градското зеленило во Мал ринг во Скопје 2002-2017“, што ја изработија Ирина Грчева, Леонора Грчева, Лука Јовичиќ и Ивана Драгшиќ.

Студијата била изработена во периодот ноември 2012 – септември 2013 во рамки на проектот на Плоштад слобода „Сосед чувар“, а беше презентирана вечерва во Мобилна галерија.

Според ова истражување во 2012 година во Мал ринг има 50 отсто помалку зеленило отколку во 2002 година, односно 75 649 метри квадратни наспрема 34 994 метри квадратни во 2013 година. Ако и во иднина се продолжи со темпото на градење врз зелените површини – до 2017 година во центарот на Скопје ќе има само 18 680 метри квадратни зеленило.

-Истражувањето, гис анализите и реализацијата на студијата се случуваа во текот на 2012-2013 година, за време на проектот Сосед чувар на Плоштад Слобода. Во овој процес ја прегледавме состојбата со јавно зеленило на терен, нејзиното обележување во релевантните документи (ДУП-ови), односот на институциите кон урбаната животна средина и можните начини да се поправи сето тоа. Поради тоа што бевме мал тим, а и поради градежниот замав со кој се уништи голем дел од зеленилото во Центар, решивме да се фокусираме на оваа општина, односно на ДУП Мал ринг.

Ќе бидете изненадени од сознанието, како на пример дека последен пат, кога зеленилото било јасно обележано и категоризирано, било во ДУП-от од 1997.

Би биле дополнително револтирани кога би виделе на кој начин се води евиденција во службите на Паркови и зеленило (со пенкало во тетратка), иако тие, како јавна институција, се едни од најангажираните во оваа област. За сите овие проблеми кои ги лоциравме подготвивме и Документ за јавна политика, кој ќе го поднесеме до надлежните, иако, откако е избрана, новата администрација на Општина Центар е „со врзани раце“ и не делува дека може да делува, вели Ивана Драгшиќ.

За оваа студија биле користени постоечките документи, деталните урбанистички планови на Мал ринг од 1997 година до 2012 година, Google earth снимките од пред 10 години и од денес, а истражувачите изработиле нови мапи на зеленилото во Скопје.

-Последен пат мерење на зелените површини било направено во деталниот урбанистички план во 1997 година, тогаш последен пат биле евидентирани дрвјата и биле изработени пресметки на планирани дрвја. ДУП-овите од 2007 до 2012 се нечитливи за граѓаните, а дрвјата се сосема ноншалантно обележени. Постои системска грешка што допринесува да исчезнуваат дрвјата од Скопје, рече Леонора Грчева, една од авторите на студијата.

Лука Јовичиќ говореше за ГИС методите на анализа на прашањето на зелените површини, според кои потребни се интердисциплинарни и квалитативни податоци и потребата од комбинирање на податоци од разни институции за да се донесаа вистински корисни и валидни одлуки за зелените површини и дрвјата во градовите.

Тој предложи Зелен катастар, кој веќе постои во Загреб или Осиек. Во рамките на ова истражување бил спроведен и првиот попис на дрвја во центарот на градот.

-Овој попис е пилот попис на дрвјата, а ќе изработиме и веб страница каде ќе ги има сите дрвја со своја лична карта, а крајна цел е да изработи мапа колку едно дрво може да му заштеди пари на градот, рече Ирина Грчева, една од авторките на студијата.

Дел од оваа студија се и препораките за спречување на натамошното намалување на градското зеленило во Мал ринг Скопје, меѓу кои се: стратегија со јасна хиерархија на одговорности помеѓу Министерствата, Градот и Општина Центар и ЈП „Паркови и зеленила“, измени во Законот за животна средина и урбанистичко планирање, посебен Закон за зеленило, децентрализација на ЈП Паркови и зеленила, вклучување на еколошките граѓански здруженија во стратегиите за работа планирање и уредување на јавниот простор и други.

Изработката на студијата е поддржана од УСАИД и Фондацијата Отворено општество Македонија.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

АУЕ-ФОН со еко-акција „МЛАДИТЕ ЗА ПРИРОДАТА“, за подигнување на свеста за заштита на животната средина

А1он

САД продолжуваат со работата за еколошки и дипломатски решенија за поздрава планета

А1он

Бугарија и Албанија почнаа примена на договорот за еколошка соработка

А1он

Еколошки активисти блокираа четири моста во Лондон

А1он

Анализа на Грин тенк: На Западен Балкан му е потребен Фонд за фер транзиција кон зелена енергија

А1он