(ВИДЕО) Невработен охриѓанец го чисти Охридско Езеро од кади, канти за отпад и туш кабини: Нема да дозволам да го изгубиме

Од:

Кади, врати од туш кабини, пластични канти од отпадоци, троседи, се само дел од работите кои екологостите ги наоѓаат во водите на Охридското Езеро, нешто што во целост ја открива негрижата за богатствата со кои располага земјава, со посебен акцент на водите, а во ризик го доведуваат и биодиверзитетот и во исхраната на живиот свет во езерото.

Да се споделат искуствата на еден активист кој со години наназад се труди да го врати сјајот на езерото во неговата природна форма е навистина тешко, со оглед на тоа што свеста кај граѓаните е на исклучително ниско ниво – да се разбере со што располагаме и како за истото да се грижиме очигледно е една од потешките задачи во општеството.

Никола Паскали е дипломиран археолог, со специјалност подводна археологија. Тој е истражувач, спелео нуркач, фотограф и екологист, иако се води како невработен. Паскали активно вклучен во експедициите на пештерата Врело на Матка од 2011, и нурка од свои 12 години, нешто што му е останато како наследство од татко му, кој е нуркач од 80-тите години.

Да се вади отпадот од езерото кое е гордост и богатство на Македонија, најверојатно не е лесно, за што потврдува и самиот Паскали, раскажувајќи за „А1он“ со какви предизвици се соочува, борејќи се да ја зголеми свеста за грижата на водите во Македонија. Но, како што вели тој, борејќи се за една цел, во прашање се доведува друга.

„Ние овие активности ги работиме веќе 15 години, а последниве неколку години настапуваме поагресивно со цел да ги поттикнеме и другите граѓани да се вклучат активно во чистење на целата наша држава, бидејќи како што гледаме, целата наша држава е една депонија. Не се само водите, видете насекаде. Од градежен шут, пластични шишиња, се и сешто. Многу нелогично е кога ние ќе исчистиме одредено место, отпадот го фрламе во депонираме со комуналните претпријатија и тој истиот отпад се носи во депонија и се гори, па добиваме загаден воздух. Нема никаква логика. Ние со самото вадење на пластично шише, автомобилска гума, пластична лименка, освен добро, изгледа правиме и лошо“, раскажува Паскали.

Во една прилика, кога во Охридското езеро нуркачите наишле на када и врата и туш-кабина, останале фрапирани. Како за пример, тие наведуваат дека едно пластично шише, по 30-50 години, пластиката станува тенка, станува микропластика, што влијае лошо на рибите и другите микроорганизми во езерото.

„Јас се фрапирав кога ја видов кадата и вратата од туш-кабина. Тие беа заедно, едно до друго. Кога ги видов, не ми се веруваше. Тогаш беа тазе фрлени, пред некое време, бидејќи на нив немаше школки и други работи, што покажува дека се фрлени во блиско минато. А инаку од умивалници, казанчиња, тоалет школки, сме наоѓале се и сешто. Дури и пластични канти за отпадоци. На производите кои ги пронаоѓаме, гледаме датум за производство. Имаме најдено и многу стари предмети, кога ги фарбале кајчињата, стари четки ИТН. Во минатото се користеле био-разградливи материјали, немало толку пластика како што има сега. Пластиката е нешто најчесто што го наоѓаме во езерото. Сето ова е фрлано намерно, бидејќи на жителите кои се до крајбрежјето им е најлесно да ги фрлат таму, наместо да го носат во депонија“, сведочи Паскали.

Од општинското јавно претпријатие „Охридски Комуналец“ велат дека тековно организираат активности за чистење натрупан отпад во делот на крајбрежјето согласно програмата за работа и согласно своите надлежности. Исто така се организираат и вонредни акции за чистење на крајбрежјето од различни наноси на отпад од езерото.

„По налог на Општина Охрид редовно се врши чистење на речните корита кои се во сливното подрачје на езерото. Согласно програмата за работа, редовно се организираат акции за подигнување на зелен и кабаст отпад од домаќинствата. Исто така граѓаните секојдневно може да пријават доколку имаат потреба од соодветно депонирање на кабаст отпад. Во интерес на зачувување на Охридското Езеро кое е непроценливо природно богатство, Општина Охрид е подготвена да поддржи или да учествува во различни ативности, проекти и програми кои се во интерес на заштитата на животната средина“, велат од Општина Охрид за „А1он“.

Сепак, ваквите апели очигледно не раѓаат плод, бидејќи секоја година се апелира дека тони отпад се наоѓаат на дното на Охридското езеро – најстарото и најдлабокото езеро во Европа, познато по својата проѕирност и чиста вода, кое секојдневно се загадува од несовесните граѓани, кои реновирале купатила, расчистувале дворови или реновирале во своите домови, па отпадот наместо на депонија го фрлале во водата.

Овие апели, според екологистите, не стигнуваат до сите граѓани, а дел од нив мислат дека нападите во однос на фрлањето отпад во езерото се неосновани и оркестрирани.

„Едни велат, ние сме го ваделе ѓубрето од контејнери и сме го фрлале и сме се сликале. Други ни пишуваат ‘да дојдеме да ви помогнеме’. Има секакви луѓе, јас се запрепастив кога видов една јавна објава дека сме се сликале за не знам што. И тоа, жители на Охрид преку луѓе од Австралија кои демек многу се загрижени за нашата држава. Но, тоа не не демотивира, туку баш не мотивира. Уште посилни ќе сме, уште поактивни. Другарите ми викаа ‘Никола откажи се, види што пишуваат’, ама јас не сум таков човек, тоа ни дава повеќе мотив. Нема да дозволиме да го изгубиме Охридско Езеро и нашите деца да имаат хидро акумулација полна со вода. Јас ова ќе го работам, та ми дале, та не ми дале пари. Тешко е. Јас со кондуриве со кои шетам, дупнати ми се од пред четири години. Не можам да си купам кондури. Ама, нуркам со опрема од 2000-3000 евра која сум ја купил во изминативе 20 години. Јас знам како сум ја купил. Кога ќе се сака нешто, нема тука лимит, се оди до крај“, сведочи Паскали за „А1он“.

Неконтролираното градење, узурпацијата на крајбрежјето, загадувањето со отпадни води и друг отпад се дел од проблемите кои досега го загрозуваа Охридско Езеро – едно од најстарите и најразновидните езера во светот, прогласен од УНЕСКО за природно и културно светско наследство.

Но, засега, според сведочењата на еко-активистите, првична цел треба да биде едукацијата на граѓаните кои живеат покрај ова богатство, да се научат да го заштитат и да не го загадуваат дополнително, со цел да се задржи биодиверзитетот и природната убавина со која располагаме.

„Со овој прилог, А1он.мк се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè‘, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје“

Би можело да ве интересира

Езерската полиција спасила две малолетни лица во водите на Охридското Езеро

Предраг Петровиќ

Маж од Неготино се удави во Охридското Езеро

Холанѓанец удрил во камен во Охридко езеро, пренесен е во болница

Анита Петровска Рајковиќ

Бојмацалиев: Со пет пловни објекти ја гарантираме безбедноста на границата и на Охридското Езеро

A1on

Автомобил излета во водите на Охридското Езеро кај Струга

Горан Наумовски

ВИДЕО: Блесна новогодишната елка под вода во Охридско езеро