Неколку години по исчезнувањето на споменикот на стреланите скопјани, кој ја бележеше меморијата за деветмината храбри луѓе кои утрото, на 13 ноември 1944 година, кога започнале борбите за ослободување на Скопје, во знак на одмазда за партизанските подвизи, биле стрелани од фашистите на Камениот мост – тој не само што не е обновен, туку можеби и е фрлен во некоја депонија.
– Веројатно завршил на некое буниште заедно со другите споменици од антифашистичката борба, кои што, годиниве, исчезнуваат низ Скопје. Дел од нив најдовме во депонијата, во близина на Старата железничка станица, тие беа таму се додека не дојде инвеститорот на парцелата и почна да гради на неа. Таму, овој споменик не го најдовме, имаше некои други, но веројатно доживеал слична судбина, вели Никола Наумовски од Плоштад Слобода.
Наумовски потсетува дека градоначалникот Коце Трајановски, минатата година им ветил на борците дека споменикот на стреланите Скопјани ќе биде вратен.
– Минатата година градоначалникот Коце Трајановски им вети на борците дека ќе го постави повторно, помина една година – нормално, ништо не се случи, а сега пак, ветува две бисти на партизани кои досега немале свои споменици во Скопје, Тоа е за поздравување, но сепак не е за поздравување кога ќе се види каков е соодносот помеѓу застапеноста на едната и другата историја во Скопје. Да потсетам, Ќосето кој е злосторник, убиец, е поставен пред Судот, на споменик од десет метри, а овие двајца партизани кои се одликувале со храброст и стратегиски вештини ќе добијат бисти, заедно со другите партизани некаде во Градски парк, вели Наумовски.
Споменикот на стреланите скопјани беше поставен на сегашниот плоштад Карпошово востание, на левата страна, во подножјето на Камениот мост, во делот кој води кон Старата чаршија. Нејасно е дали бил урнат или изваден заради градежните работи за новите објекти од „Скопје 2014“.
Во 2010 година, општина Центар го урна стариот постамент и на оддалеченост од десетина метри изгради нов, налик на стариот армирано-бетонски постамент, на кој требаше да се залепат оригиналните мермерни плочи од стариот споменик, со имињата на загинатите и да се врати стариот висок релјеф. По две години и овој нов бетонски постамент е урнисан, при градежните работи за плоштадот, кога и трајно се губи секаква трага за споменикот.
Минатата година активисти и граѓани, во знак на протест, симболично поставија картонска копија на споменикот на местото каде што бил, но, обезбедувањето на објектите од Скопје 2014 брзо го отстрани.
А.Б.