ВИДЕО: Нашиот сув леб за вашите бифтеци – Ајде да се смениме, протест на студентите пред Собранието

Од:

Сув леб и зденка, паштета – ова се секојдневните оброци кои ги добиваат студентите во студентските домови во Скопје. И како тоа да не беше доволно, се соочија со предлог-закон со кој се предвидува да им се укине субвенциониран оброк. Револтирани студентите денес излегоа на протест пред собранието каде со свирежи и пароли испратија порака до пратенциите.

„Студентски оброк или политички облог“, „СТУДенти“, „Се тресеме од студ, не од страв“, „На гладно и на ладно не се учи“, се дел од пораките кои ги испратија студентите, но највпечатлив беше моментот кога своите оброци, покажувајќи што добиваат како храна и што е и тоа малку што пратениците сакаа да им го укинат, ги оставија пред собранието со порака:

,,Ајде да се смениме, нашиот сув леб и зденка за вашите бифтеци“



Причина за протестот е предлог-законот кој беше на дневен ред на пленарна седница закажана за в среда и со него се предлагаше смена на досегашните критериуми за стекнување на правото на субвенциониран оброк, според кои студентите не треба да бидат корисници на стипендија од МОН, правото да не важи за апсолвенти и за студенти чии родители земаат плата поголема од минималната. Но по острите реакциите на студентите е повлечен, а попладнево се одржала и средба, затворена за медиумите, меѓу студенти – претставници на студентски универзитетски собранија во земјава, пратениците кои предложија нов предлог-закон за студентски оброк и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Умејр Муамеди, студент вели дека тие се деградирани и понижени со само тоа што имало таков предлог-закон.
„Јас имам една порака… На нас студентите не ни се битни 120 денари, ако сакате од наш џеб ќе ви дадеме уште по 120, само ако и вие се обврзете дека ќе отстапите од сите ваши привилегии што ви следуваат како пратеници избрани од народот. Доколку сметаат дека средствата за патните трошоци им се неопходни за да дојдат да работа тогаш студентите да им ги препуштат студентските домови. Исто така да ги заменат и оброците. , рече Муамеди.

„Секоја акција има реакција. Ние реагираме на начинот на кој лукаво и дрско групата пратеници од владејачкото мнозинство пробаа да го протуркаат овој предлог-закон. Се надеваме на изнаоѓање заеднички јазик зашто сите живееме во исто општество и имаме некои заеднички интереси. Во овој случај е потребата и можностите на студентите, затоа ние ќе се обидеме во најбрз и најдобар начин да ги задоволиме правата на сите студенти“, изјави студентот Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип пред почетокот на средбата во Собранието.

Доколку не се исполнат нивните барања, рече тој, најверојатно ќе ги продолжат протестите.

Но иако предлог-законот да се укине нивниот субвенциониран оброк од 120 денари е повлечен, студентите револтирано велат дека тоа не е единствениот проблем што го имаат. Бараат од владата и од собранието да ги укинат и мерките за штедење струја кои се однесуваат на студентските домови, а кои предвидуваат исклучување на лифтовите и струјата во студентските домови навечер. Велат не им е дозволено да имаат фрижидер ниту решо.

„Многу важно барање е изземање на студентите од антикризните мерки на Владата затоа што државата не треба да штеди на студентскиот грб“, изјави студентот Јован Јанев

Студентите бараат итно подобрување на условите во домовите. Велат нема хигиена во тоалетите, лоши услови дури и во мензата каде што се хранат, а се соочуваат и со руинирани и поплавени соби.

Иако предлог-законот е повлечен, бараат пратениците да свикаат седница на која и тие ќе бидат повикани да присуствуваат и да ги изнесат своите барања кои се следните:

1. Повлекување на новите измени на законот за студентски субвенциониран оброк и воведување на нашите предлог измени со кои се предвидува зголемување на оброкот од 120 на 150 денари.

2. Изедначување на стипендиите со повискиот износ.

3. Изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја.

4. Подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.

Најавија и повикаа на помасовни протести и во наредните денови. Во 16 часот пред Собранието а ги повикаа и средношколците да им се приклучат бидејќи и тие се идни студенти и ги чека истата судбина.

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Заврши протестот на студентите, министерот ќе ја разгледа нивната иницијатива за календар на активности

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов