„Дуото Ковачевски во ек на енергетска криза ги пљачка граѓаните и продава евтина струја произведена во Македонија на трговци кои потоа ја препродаваат за големи заработки. Во два наврати АД ЕЛЕМ за период од 13-ти до 19-ти август и од 20-ти до 26-ти август продава 3.500 MWh електричен енерген по цена од околу 300 евра, а во исто време цената на струјата на берза достига и над 600 евра за МWh“ посочи на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева соопшти дека „во периодот од 13.08 до 19.08 1.750MWh се продадени по цена од 277 евра за МWh. Во исто време, цената на берза достига до 467 евра по MWh. Разликата односно заработка која некој трговец си ја ставил во џеб е 260.260 евра. Имено, преку резултатите од продажба на ЕСМ може да се види дека како купувач на струјата во овој период се јавува фирмата ДАНСКЕ КОМОДИТИС ДООЕЛ. Она што фрла сомнеж е профилот на лицето Виктор Делов на социјалната мрежа LinkedIN каде како работно место му е наведено дека е регионален менаџер за односи во истоимената фирма. Тука се поставува прашањето дали станува збор за Виктор Делов, поранешен директор на агенцијата за странски директни инвестиции во период од 2004-2006 година кога на власт биле СДСМ?“.
Таа напоменува дека „за периодот од 20.08 до 26.08 исто така е продадена струја во висина од 1.750 MWh за цена од 303 евра. Во тоа време цената на берза достигнува и до 612 евра. Разликата која што овој пат некој си ја ставил во џеб е 353.937 евра. Во овој случај, преку резултатите од продажба на ЕСМ може да се види дека како купувач на струјата во овој период се јавува фирмата ЕТМТ ЕНЕРГИ која е во сопственост на Енер Трејд од Албанија која му припаѓа пак на Артур Мицкај, директор на форумот на млади на социјалистичката партија на Еди Рама и син на тамошен судија. Во еден серијал може да се утврди дека истата фирма во месец декември во 2021 година и продала струја на ЕСМ за 3,9 милиони евра и тоа по цена од 325 евра за MWh. Сега процесот е обратнопропорционален, оваа фирма купува од ЕСМ струја по поевтина цена, отколку што претходно самата и продала. Или вкупно за 12 дена некои трговци заработиле над 610.000 евра“ вели Митева.