„Не бегам бе зошто да бегам“, беше единствениот краток коментар на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, по излегувањето од затворот во Шутка на прашањето зошто брза да ги одбегне новинарите. Десетина минути седеше во дворот на затворот, додека неговото обезбедување ги преземаше неговите лични работи. Потоа, како ниту еден друг затвореник, автомобилот му беше паркиран пред портите на затворот „Скопје“ и тој влезе директно во задниот дел.
Тој не одговори дали ќе остане во Скопје по неговото излегување од затворот. Не прокоментира ниту како ги убеди судиите да го пуштат на слобода, ако се има во предвид дека претходно истите тие го оставија во притвор поради опасност од бегство.
Новинарите беа туркани од страна на затворската полиција. Тие иако не дозволуваат пред капијата никој да се приближи и на новинарските екипи им кажаа да се оддалечат, кога се паркираше возилото не реагираа, а потоа, еден од полицајците ги истурка дел од новинарските екипи.
Излегувањето на Мијалков од притвор доаѓа откако е уважена неговата жалба од Апелација. Засега не е познато дали одлучувал истиот состав на Кривичен совет или пак некои од членовите барале место нив да одлучи нивната замена. Одлуката на судиите значи дека тие сметаат дека Мијалков нема да избега ако биде на слобода.