Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при посетата на Кавадарци, изјави дека кај дел од политичките партии, кои се свесни за поразот на претстојните парламентарни избори, постои страв и затоа се обидуваат да го блокираат усвојувањето на измените на Изборниот законик, односно го попречуваат процесот државата да ги исполни сите десет индикатори од Реформската агенда.
Мицкоски, по поставувањето камен-темелник за изградба на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната средба во Собранието околу можноста за усвојување на Изборниот законик и усогласувањето на ставовите на политичките партии, истакна дека по средбата е сѐ помалку оптимист за постигнување договор.
„Очигледно е дека кај тие политички партии, кои се свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и се обидуваат да го блокираат процесот за да не ги исполниме сите десет индикатори од Реформската агенда. На крајот ќе имаме исполнето девет од десет, а единственото што ќе остане е Изборниот законик. Не сакаме тој да се носи по европско знаменце, ниту, пак, целиот процес на некаков начин да се одолговлекува. Мислевме дека разговараме со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на државата, но очигледно е дека партиските интереси, политичкото мочуриште, финансиските и некои други интереси се над сè. Тука ние не можеме да помогнеме. По вчерашната средба сум сѐ помалку оптимист“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека и вчера, како политичка партија, јасно го изнеле својот став дека гласањето на дијаспората е нивна стратешка цел.
Од друга страна, додаде премиерот, дел од политичките партии настапиле со целосно радикализирани позиции.
„Еден од ставовите беше во рамки на Државната изборна комисија да се одлучува со консензус, што за нас е неприфатливо. Тоа е позиција која некој намерно ја поставува за да не се постигне договор. Второ, политичката партија Левица побара повеќе средства за изборната кампања, односно повеќе пари за рекламирање, како и воведување една изборна единица. Барањата на СДСМ ви се познати. Нашиот став е јасен. Ако сакаат повеќе пари – во ред, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. Се согласуваме и со една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на нивните коалициски партнери. Немаме никаков проблем со тоа“, рече Мицкоски.
Сепак, додаде тој, во принцип никој не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем.
„Во демократија одлуките ги носи мнозинството. Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Треба да најдеме решение. Ние го ставивме и нашиот предлог на маса – да се гласа по пошта, како што тоа функционира во неколку десетици земји членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за партиите што не се дел од четирите најголеми. Нека имаат повеќе средства и нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го усвоиме Изборниот законик“, изјави Мицкоски.
