Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека изборите би биле жариште на коронавирусот, со оглед на тоа дека пикот на здравствената криза се очекува токму во периодот кога тие треба да се одржат.
Мицкоски рече дека тоа била причината зошто тој утрово побарал свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред одлагање на предвремените парламентари избори.
Тој на денешната прес конференција пред седиштето на партијата, рече дека здравјето на граѓаните треба да биде над партиските интереси.
„Од за мене неразбирливи причини, а веројатно од политичка кусогледост, Владата одбива прогласување на кризна состојба на целата територија на државата“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на економските гранки кои ќе бидат најмногу погодени од коронавирусот.
„Седумдесетина проценти од овие компании се мали претпријатија со еден до девет вработени. Овие компании без помош од државата се осудени на банкрот“, истакна Мицкоски.
Тој побара мерки кои ќе бидат поддршка за бизнисите кои ќе бидат погодени од коронавирусот.