На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, упати серија критики до вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој не беше присутен на седницата каде власта треба да даде отчет.
Мециновиќ посочи дека власта постојано зборува за „инфраструктурен бум“ и економски успеси, додека истовремено илјадници млади луѓе не можат да обезбедат сопствен дом и се принудени да живеат под кирија, да се задолжуваат со децениски кредити или да ја напуштаат државата.
„Кога домот станува инвестициско средство, а не место за живеење и предуслов за достоинствен живот, тогаш имаме сериозен општествен проблем. Домувањето е основно човеково право, а вашата политика го претвора во привилегија достапна само за мал број луѓе“, истакна Мециновиќ. Тој нагласи дека во Македонија постои парадоксална состојба во која бројот на новоизградени станови постојано расте, додека сè поголем број граѓани не можат да дојдат до сопствено живеалиште.
„Имаме речиси 300.000 празни станбени единици во државата, односно околу 35 проценти од вкупниот станбен фонд, а истовремено младите се принудени да земаат кредити на 30 години или да живеат како потстанари. Оние што не можат ниту едното ниту другото – се иселуваат“, рече тој.
Пратеникот од Левица оцени дека сегашната состојба е резултат на долгогодишна симбиоза помеѓу политичките елити и градежниот бизнис, при што интересите на инвеститорите се ставени пред интересите на граѓаните. Посебен акцент Мециновиќ стави на проблемот со купувањето станови во изградба, каде што граѓаните однапред плаќаат значителни суми и се задолжуваат со кредити, а потоа со години чекаат да ги добијат становите.
„Во Македонија граѓаните немаат никаква заштита кога купуваат стан во изградба. Луѓето плаќаат аванси, плаќаат кредити и кирија во исто време, а потоа чекаат две, три или пет години за да се вселат во сопствениот стан. Министерството не врши надзор врз авансните средства кои инвеститорите ги користат како бескаматни кредити и ги пренасочуваат во други проекти“, истакна Мециновиќ.
Тој побара од Николоски да одговори дали Министерството води евиденција за становите што се продаваат пред изградба, колку случаи има на пробивање на роковите и кои механизми за заштита на граѓаните постојат. Воедно, Мециновиќ праша дали Владата располага со анализа за влијанието на шпекулативното купување станови врз цените на недвижностите и дали има конкретен план за справување со кризата со домувањето.
„Во Европа постојат различни модели на регулација – од социјално домување до контрола на кириите и заштита на купувачите. Во Македонија нема ништо. Имаме див запад во кој урбанистичката мафија профитира, а граѓаните плаќаат сè повисока цена за основното право на дом“, порача Мециновиќ.
На крајот, тој оцени дека Владата нема никаква стратегија за решавање на станбената криза и побара конкретни мерки за заштита на граѓаните, намалување на финансискиот товар при купување стан и обезбедување достапно домување за младите семејства.
