ВИДЕО: Масите останаа на тротоарите и по контролата на инспекторите

Од:

Столови и маси и понатаму има на тротоарите и повторно узурпираат тротоари и пешачки зони, забележа камерата на „А1 он“, која беше во обиколка на локалите во Центар. Сликата е иста како и пред акцијата на Општина Центар, која се пофали дека нивни инспектори биле во контрола на над 20 угостителски објекти во Дебар Маало и на булеварот Партизански одреди. Угостителите не сакаа да зборуваат пред камерата на „А1 он“, но рекоа дека комуналните служби се повикале на одлука на Градот и побарале да остранат дел од инвенторот од тротоарите и да ги срушат бетонските столбови од терасите. Рекоа дека се збунети и не им било јасно што сакале градските власти да постигнат со акцијата.

„Дојдоа, мереа и рекоа да извадам дел од платформата. Требало да има 120 см слободен простор од работ на бавчата до тротоарот. Побараа и бетонските столбови да ги отстраниме, а натстрешникот да бил на лизгање. Ја имам целата потребна документација, не правам проблем, но секоја година измислуваат нешто ново. Изгледа има некое недоразбирање помеѓу нив, од Центар и Градот. Едни бараат вака, други онака“, вели еден од угостителите во Дебар Маало.

За проблемот со нелегалните маси на улица надлежни се и Градот и Општина Центар. Градот ги поставувал правилата, а од Центар инспекторираат и рушат каде што е прекршен законот.

„Советот на Град Скопје донесе повеќе одлуки со кои се заострија критериумите за поставување урбана опрема. Не смее да има привремени објекти и урбана опрема, но и бариери во просторот што може да го попречат безбедното движење на пешаците или да го оневозможат движењето на лица со хендикеп. Притоа минималната слободна проодна површина на тротоарот или пешачката површина треба да изнесува 2,5 метри“, објаснуваат од Градот.

„А1 он“ го праша и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, зошто инспекциите ги оставиле масите и столовите на улица ако тие се надлежни да ги отсранат. Богдановиќ вели пречка за тоа бил стариот правилник на градот, според кој се издале одобренија за поставување урбана опрема.

„Нашата идеја е јавните порвшини во Центар, Дебар Маало, на ‘Партизанска’ да им бидат на располагање на пешаците. Но, тие имаат одобренија издадени од Градот. Сакаме да најдеме заедничко решение со Градот и таа обврска за издавање одобренија да ја добиеме ние. Нашата идеја е столови, маси и киосци да се поставуваат кога станарите ќе дадат дозвола, односно куќните совети на зградите. Ако не добил согласност, инспекцијата ќе му ги сруши“, вели Богдановиќ за „А1 он“.

Во Старата чаршија никој од угостителите нема дозвола, сите се на диво. И тие имале посета од инспектори, кои им дале задача да ги отстранат дрвените платфоми. Еден сопственик на ресторан призна дека нема документи за закуп на јавниот простор и рече дека не е против да плаќа, но под услов законот да важи за сите.

„Ни рекоа – извадете ги дрвените платформи, и ние постапивме по наредбата. Еве, сега сме на гол бетон, на ништо не личи, гостите седат на сокак. Требало да го ослободиме просторот затоа што во Чаршијата ќе се поставувала нова коцка, а потоа ќе нè уределе со закон колку простор може да користиме и колку треба да ѝ плаќаме на Општината. Не сум против, но законот нека важи за сите, а не да има селективност, за еден може, за друг не може“, вели нашиот соговорник.

Од Општина Чаир велат дека отстранувањето на платформите бил првиот чекор за решавање на проблемот. Кога ќе се поставела новата коцка, ќе се регулирале и јавните површини што ќе може да ги користат бизнисмените во Старата чаршија.

Инаку, досега во неколку наврати инспекциите отстрануваа платформи и тезги, но по одреден период тие се враќани на старото место. Градските власти предупедија дека овој пат нема да ги штедат дуќанџиите, оние што ќе го прекршат законот, ќе бидат санкционирани со глоба.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории