(ВИДЕО) Мајка на 12 деца во очај: Гладни сме секој ден, а пратениците си играат со парите

Од:

Во трошна куќа, во која влагата и мувлата ѕиркаат од сите страни, живее 15-членото семејство Китановски во скопски Припор. 50-годишната Васка е самохрана мајка, болна и невработена и вели дека децата ги гледа од милостина од луѓето и црквата. Со солзи во очите, ја раскажува нејзината приказна како секојдневно сама се бори со болестите, бедата и сиромаштијата.

Во куќарчето затековме неколку од 12-те деца од кои 7 се малолетни, 3 тинејџери, а две од ќерките се мажени. Немаат ниту телевизор, ниту компјутер и спијат по двајца на полускршени кревети. За да биде уште потешка судбината на оваа жена, покрај нејзините тука се и двете внучиња од една од постарите ќерки, која е разведена и невработена.

„Болна сум од тироидна жлезда, имам полна жолчка со камења, а и нозете не ме крепат веќе. Гледате во каква беда живеам, а денар не земам од државата. Децата ги хранам со помош од црквите и од граѓаните кои ќе се смилуваат да ми дадат нешто. Но, тоа не е доволно, секој ден треба храна, средства за хигиена. Куќата само што не се распаднала. Немаме врати на собите, бањата ми се поплави, а истотака и подрумите, влага има насекаде“, вели Китановска.

Васка вели дека Господ им дал многу деца, но државата не им пружила рака за помош и за ниту едно од децата не прима детски додаток. Дури, пред 5 години им ја укинале и социјалната помош, затоа што едно од поголемите деца се вработило и прима 11.000 денари плата. Васка вели дека е очајна и немоќна и дека изгубила надеж дека институциите ќе им помогнат.

„Три писма напишав и ги испратив до минстерката Мила Царовска, нема одговор. Пред извесно време бев во министерството да се пожалам да ме примат, ме набркаа. Прашувам и каде се парите што ги донираа ракометарите за сиромашните? Каде е градоначалникот Темелковски, кој ветуваше и помош и дрва за греење, а еве две години поминаа, ништо не ни дал. Срамота и греота е тоа што го прват“, додава револтираната самохраната мајка.

Постарите деца ѝ помагаат на Васка, перат на рака затоа што немаат машина за алишта. Мијат садови, готват, а се грижат и за едно од братчињата кое има епилепсија. Даниел е третиот син на Васка и еден од највредните во кујна. Тој вели дека секој месец се пријавува во Агенцијата за вработување, се распрашува, но нема абер за работа.

„Се пријавувам на огласи, барам работа. Не сум мрзелив, би работел секаква работа. Одвреме-навреме растоварам стока од магацини, земја и песок, и така ќе донесам некој денар“, вели ова 20-годишното момче.

Најмалите беа најљубопитни, збунето ѕиркаа пред камерата на „А1он“ со желба да кажат нешто. 11-годишниот Дамјан срамежливо вели дека јадат кога постарите браќа ќе зготват нешто, и тоа најчесто макарони. Би сакал почесто да јаде сладолед и чоколада, но не бара, затоа што знае дека мајка му нема пари да му купи.

„Не, не знам, не се сеќавам. Се случува да јадам ако некој во школо ни купи или некој сосед на улица“, вели Дамјан. Семејството тоне во долгови, од кои најголемиот, над 200.000 денари, е за струја и секојдневно добиваат закани дека ќе бидат исклучени. Васка јавно побара пратениците да се сожалат на нејзината мака и да се откажат од нивните високи плати и да ѝ помогнат.

„Колку ги има таму, 120 се на државна плата. По 2.000 да соберат, ќе ми помогнат да ги платам сметките. Срамота е и грев, не сакаат од ништо да се откажат, а за гласови собирање пред избори се тука. Им даваме преку 10 гласа секои избори. Еден куп јунаци и ќерки дадов за оваа држава, а ништо не добив за возврат“, вели Васка.

Според нејзините кажувања, социјалните служби, па дури и поранешни министри го посетиле семејството, ветувале помош, но не исполниле ништо. Таа подготвила документација и за социјален стан, но до денеска не го добила.

Пред камерата на „А1он“ уште еднаш семејството Китановски упати апел за помош до хуманите луѓе, но и до институциите да се осмелат и да им помогнат за да можат овие деца да имаат колку-толку нормален живот.

Би можело да ве интересира

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Четвртина од населението во Македонија не може да си го загрее домот: Енергетската сиромаштија се зголемува

Орце Костов

Речиси петтина од населението на Хрватска во ризик од сиромаштија

А1он

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Децата во сиромашни семејства имаат поголем ризик да останат сиромашни, образованието клучно за надминување на оваа ситуација

А1он