Екстерното тестирање за жал не е единствениот проблем на студентите и ние немаме некоја култура на протестирање. Но, ете, екстерното тестирање беше некоја точка на вриење за некоја плодна студентска мобилизација, вели Дејан Лутовски од студентската неформална организација „Студентски пленум“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, воопшто не значи дека доколку се заврши целиот проблем со екстерното тестирање, студентската иницијатива и активизам ќе престане, туку по студентскиот марш имаат плодна почва во иднина да постават многу други прашања важни за високото образование.
Како се роди идејата за Студентскиот пленум, што беше пресудно?
Ќе се навратам на моментот. Се одржуваа проекции од студентската културна иницијатива „Отворен куфер“ на Филозофскиот факултет и некаде мислам дека беше средина на октомври кога веќе почнуваше да зема замав темата за екстрерното тестирање, имаше некои он-лајн иницијативи кои се противеа на тоа и природно некако и спонтано во просторија, група од 30 студенти започна разговор како ние би се спротивставиле на мерката. Идејата беше да се формира некоја независна и неформална студентска иницијатива која ќе функционира на драстично различни принципи од постоечкиот Студентски парламент и којашто за прва цел ќе има да оформи јадро на што е можно повеќе факултети, како ефективно би се бореле против новите измени на законот за високо образование.
Зошто се плашите од екстерното тестирање?
Не се работи тука дека ние од нешто се плашиме, туку сметаме дека екстерното тестирање како мерка прави директен упад во уставно и законски загарантираната автономија на универзитетот, значи сметаме дека нема потреба, високото образование не е задолжително, нема потреба еднаш во втора и еднаш во четврта година да се тестираат студенти, кои доколку би паднале на тоа тестирање во втора година, би изгубиле право после да студираат на истиот факултет.
Владата смета дека со него ќе се подобри квалитетот на образованието. Како според вас да се реши проблемот со корупцијата, непотизмот, незаслужените дипломи на универзитетите?
Сметам, според мене лично, непотребно е да се прават тие реформи, во насока на екстерното тестирање, мислам дека ете очигледно е дека сите лоцираме, и владата, и студентите, сите лоцираме дека има некаков проблем со високото образование во Македонија и нормално за да се реши тој проблем, мора да се отвори некаква си јавна дебата, за да прво се лоцираат проблемите каде се наоѓаат за да може ефикасно да се решаваат. Продуктивна и плодна дебата околу високото образование треба да биде транспарентна и да се одржува на факултети кадешто студентите се цело време, а не да се оди на некоја линија дека јавните дебати кои се однесуваат на високото образование се држат настрана од универзитетскиот простор.