Додека ЛГБТИ заедницата денеска го одлебежува Меѓунардониот ден за борба против хомофобијата IDAHO, членови на владејачката партија го одбележуваа 15 мај – Светскиот ден на семејството, на иста локација пред Школка во Градски парк.
За претставниците на ЛГБТИ заедницата ова е намерно испланиран настан во ист ден, со што јасно се покажува каква е политиката на владејачката партија во однос на ЛГБТИ популацијата. На Светскиот ден на семејството, Центарот за советување и помош на жени „Лидија“ од Штип делеа флаери и книги за абортусот и правото на живот.
На собирот присуствуваа и свештени лица кои читаа делови од Библијата пред присутните.
Меѓу нив беа и членовите на ВМРО – ДПМНЕ, пратеникот Влатко Ѓорчев и советникот на општина Центар Томислав Лазаров, опкружени со мали деца.
Според информациите од претставници на ЛГБТИ заедницата, одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата било закажано неколку дена порано од настанот за Светскиот ден на семејството. Меѓутоа, како што информираат тие, биле контактирани од град Скопје и им било соопштено дека нивниот настан ќе мора да започне со задоцнување.
Членови на ЛГБТИ заедницата денеска побараа измена и дополнување од Законот за спречување и заштита од дискриминација, преку внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во членот 3. Воедно, бараат и надлежните институции да го детектираат говорот на омраза упатен кон оваа маргинализирана група, а политичките партии да го осудуваат. На штандовите, граѓаните се потпишуваа на картички, кои ќе бидат доставени до пратениците за иницирање на измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.
За Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ потребата од измена на законот е се поочигледна.
– Четири години по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, јасно покажува дека треба да претпри промени, посебно поради фактот што ЛГБТ заедницата е постојано жртва на хомофобичен говор на омраза, семејно насилство, непостоење на здравствени услуги или изземање од надлежност од страна на релевантните институции – изјави Дрндаревска.
Според претседателката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска, денешниот Меѓународен ден преставува голем успех за ЛГБТИ заедницата, бидеќи за прв пат организирано излегуваат на јавен простор.
– На овој ден, сакаме да потсетиме и на нападите кои ги доживеа ЛГБТИ заедницата минатата година. Нашата борба продолжува кон измена на законот, бидејќи се додека не се промени спорниот член 3, лицата нема да ја добијат потребната заштита на нивните права во ова општество – изјави Пировска.
На настанот поддршка даде и амбасадорката на Холандија Мариет Шурман, а на голем број јавни личности им беа доделени благодарници за нивното учество во кампањата против хомофобијата.
Од 22 – 29 мај ќе се одржи „Недела на гордоста“, која ќе се состои од дебати и проекции на филмови поврзани, но и различни прашања кои се од интерес на ЛГБТИ луѓето во Македонија.
Петар Клинчарски