Бурните реакции што ги предизвикаа резултатите од конкурсот за култура, ревизијата на програмата и незадоволството на дел од апликантите беа тема на денешната надзорна расправа на Комисијата за култура. Пратениците од опозицијата со многу прашања кон министерот за култура Асаф Адеми, националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски и советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова.
На прашањето како некои национални установи добиле помала поддршка од Министерството за култура од некои проекти на невладини организации, Адеми одговори дека тој не може да има увид во се но тврди дека членовите на Комисиите одлучувале според Законот и верува во нивната стручност.
„Сметам дека ние транспарентно и демократски ги сослушавме сите оние кои имаат забелешки на резултатите од конкусот. Според постечките закони и критериуми се стигнало до овие резултати. Тврдам дека членовите на комисиите совесно и стручно ја завршиле својата работа, а за тоа можам да ви приложам нивна биографија. Се надевам дека со донесувањето на новиот Закон за култура од Националната стратегија, ќе се подобрат механизмите на одлучување и ќе има повеќе задоволни,“ рече Адеми.
Според поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, проблемите доаѓаат и од таму што има премногу апликанти, а сите очекуваат поддршка од Министерството за култура.
„Со поефикасна децентрализација како и подобар Закон за спонзорства и донации голем дел од проектите во културата ќе можат да се пренасочат кон други извори за поддршка. Овие проблеми со незадоволни апликанти се провлекуваат со години. Мора да има филтри, не може државата да се грижи за толку голем број на фестивали со иста содржина на пример, и тука мора да има рестрикција. Секако мора да се земе во предвид тоа што се справуваме со намален буџет за култура и натаму ги оправаме последиците од поранешната власт“, смета Алаѓозовски.
Советничката Ласкова се огради од прашањата на пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ и ги упати кон претседателите на одлучувачките Комисии од Министерството за култура.
„Немам ингеренции да зборувам дали се направени неправилности. По реакциите на културната јавност, ми ги дадоа на увид резултатите. Сепак мојата работа како советник е да се погрижам за широката национална слика во културата, а проектите се во надлежност на Комисиите“, рече Ласкова.
Ова е втора надзорна расправа на Комисијата за култура која е иницирана по резултатите на минатогодишниот и овогодишниот конкурс на Министерството за култура. По 30 дена, вчера беше објавена и ревидираната програма за култура но таа наиде на незадоволство кај културната јавност.
Во очекување да се донесе новиот Закон за култура, претседателката на Комисијата Ирена Стефовска наскоро најави уште една расправа на која ќе присуствуваат пратеници, претставници од граѓанскиот сектор и други инволвирани во креирање на културната политика.