(ВИДЕО) Ковачевски на Отворен Балкан: Нè поврзува заедничка визија за напреден и безбеден регион

Од:

Со обраќања на лидерите на отворањето на самитот на Отворен Балкан во Охрид започна официјалниот и работен дел на состанокот на оваа регионална иницијатива.

Со поздравни говори и со желби за успешна работа, пред учесниците и гостите на самитот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија, како и премиерот на Република Црна Гора, Дритан Абазовиќ и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина.

Работата на самитот на Отворен Балкан ја поздравија и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД, специјален пратеник за Западен Балкан, кој се обрати преку видео конференциска врска.

Во своето обраќање на отворањето на Самитот на Отворен Балкан, премиерот Ковачевски поздравувајќи ги присутните, ги истакна придобивките од регионалното поврзување и соработка.

„Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата Отворен Балкан е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот.

Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде им застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери. Знам дека чекањето на камионите е намалено, но знам дека можеме уште подобро и за тоа се залагаме заедно, преку намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.

Бенефитите од Отворен Балкан и меѓусебното помагање меѓу државите и народи ние го осетивме уште летоска. Како резултат на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите на Северна Македонија ѝ помогнаа во интервенција на пожарите кои ја зафатија нашата земја минатото лето“, рече премиерот Ковачевски.

„Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред!

Сега уште појасни и поаргументирани се придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Ние сме тука пред се заради подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Ние сме тука заради подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан.

Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле“, изјави премиерот Ковачевски.

„Овој самит не носи уште понапред во нашата соработка. Во нашиот фокус се соработките, меѓусебните размени, отстранувањето на бариерите, доближувањето на нашите народи.

Одиме понатаму со крупни чекори. Денеска ќе потпишеме нови договори и меморандуми за соработка.

Со взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Недостатоците од работна сила најпрво ќе си ги надополнуваме меѓусебно, што е причина повеќе младите да ни бидат тука, да не ни бегаат по светот.

Денес отвораме и ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.

Имаме на светот да му ги понудиме дел од најубавите мориња на Медитеранот благодарение на богатството на Албанија. Планините и прочуениот селски туризам на Србија. Македонските езерски пејзажи и убавите зелени планини.

Овие убавини ќе му ги понудиме на светот, но пред се ќе овозможиме нашите граѓани да ги уживаат преку најповолни услови“, кажа премиерот Ковачевски.

Би можело да ве интересира

Османи: На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан

Со еден клик до работни места во Србија и Албанија: Нова можност за македонските граѓани

Орце Костов

Почнува единствениот пазар на труд на Отворен Балкан

Горан Наумовски

Потпишани Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан

БЕСА бара Владата да се огради од проектот „Отворен Балкан“

На иницијатива на Ковачевски Скопје, Белград и Тирана на еден ден ќе ги отворат меѓусебните граници

Ана Ололовска