Овој настан е кулминација на нашето претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажман. Но кога во декември 2020 година со консензус ни беше доделена честа да управуваме со најголемата регионална и безбедносна организација, тешко кој можеше да предвиди дека пред нас ќе имаме вакви турбуленции и предизвици во регионот на ОБСЕ и пошироко, како во поглед на тешкиот геополитички контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата Организација, изјави премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
-Визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност, рече Ковачевски.
Секој изминат ден и изгубени животи, додаде премиерот, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста.
Ковачевски истакна дека народот на Украина заслужува мир, и оти постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив.
-Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ. Затоа, како клучно безбедносно прашање на нашиот регион и пошироко, централен приоритет за нашето претседавање беше и останува да биде обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ низ димензиите на ОБСЕ, нагласи Ковачевски.
Премиерот истакна дека во рамки на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.
-За момент да ги ставиме настрана националните агенди, за кои, меѓу другото, верувам дека најдобро можат да се реализираат преку мирољубива соработка во еден мултилатерален систем базиран на правила и почит на основните вредности и принципи. Ниту една земја, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација, ниту пак сама да се справува со комплексните предизвици на 21-от век, истакна премиерот.
Северна Македонија, посочи тој, како силен поддржувач на мултилатерализмот и директен корисник на улогата на ОБСЕ при спроведувањето на демократски реформи и унапредување на состојбите во разни области, е цврсто уверена дека оваа Организација е способна да направи разлика на терен, а тоа, рече, може да се потврди и преку пример од македонското општество, каде демократскиот изборен процес неминовно е поврзан со набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР.
-Токму и нашето мото за време на претседавањето – за луѓето се работи – го рефлектира тоа уверување. Долготрајните дискусии во меѓународните форуми не треба да бидат апстрактна конструкција, туку да водат кон конкретни решенија кои имаат придобивки за граѓаните, рече Ковачевски.
Тој потсети дека земјава, иако не беше директно дел од војните што уследија по распадот на Југославија, сепак во декадите по независноста беше соочена со голем број предизвици како на домашен, така и на надворешно-политички план.
-Низ еден процес на созревање, го чекореше долгиот и не секогаш рамен пат на меѓународно етаблирање и зачленување во различни мултилатерални организации. Тоа понекогаш подразбираше тешки, компромисни одлуки, но вистинското лидерството подразбира континуирано барање решенија и прогрес. Така, од корисник на безбедносни и превентивни мировни мисии, денес Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност и активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко, кажа премиерот.
Имајќи го предвид сето ова, нагласи тој, признанието што токму ние денес сме домаќини на Министерскиот совет на ОБСЕ, е дотолку позначајно.
-Истовремено, тука е и желбата да возвратиме на Организацијата, која и со својата теренска мисија од 1992 година до денес, дава свој придонес во напредокот на нашето вибрантно, инклузивно и разнолико, демократско општество. Се надевам дека се евидентни нашите чесни напори за силно, проактивно, ангажирано и компетентно раководење со ОБСЕ, водени од стремежот да дадеме свој карактеристичен и препознатлив придонес во процесите на остварување на поголема стабилност на поширок план. И натаму истрајуваме на нашата основна определба што е единствен пат напред – да се поттикне инклузивен, суштински и отворен дијалог, заснован на основните принципи на мултилатерализмот и во срцето на нашата Организација, рече тој.
Ковачевски во своето обраќање заклучи дека „сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка, историјата ќе не суди по нашите дела“.
На Министерскиот совет учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.