Македонската Влада нагости околу илјада луѓе како домаќини на Македонската вечер која се одржа на кровот на трговскиот центар Галерија во најлуксузниот дел на српската престолнина, Белград на вода.
„Вкуси го животот“ беше слоганот на нашата Влада која организираше гламурозен настан во елитниот дел на Белград на вода, а на кој присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и нејзиниот црногорски колега Дритан Абазовиќ.
– И директорите и политичарите, сите сакаат да одат на состаноците на Open Balkan, затоа зашто ги сметаат за свои. Ако Саемот го правевме само ние во Македонија, јас од вино знам многу малку, немаше да биде добар. Ако го правеше претседателот Вучиќ сам во Белград, тој не знае од продажба, бидејќи јас 20 години сум работел во компании. Ако го правеше само Рама во Албанија, тој знае многу од уметност, меѓутоа кога ќе соберете на едно место експерт за вино, експерт за продажба и еден голем уметник, тогаш виното, бизнисот и уметноста одат заедно и затоа го имаме најдобриот саем – се обрати премиерот Димитар Ковачевски пред присутните гости кои потоа се забавуваа со звуците на Влатко Стефановски.
Овој настан, кој ќе го платат македонските граѓани, се одржа во најлуксузниот и најскап дел на Белград чија изградба чинеше три милијарди евра и во кој становите се продаваат по цена од најмалку 10.000 евра за метар квадратен.
„А1он“ преку слободен пристап до информации од јавен карактер ќе побара од Владата да достави податоци колку чинела оваа луксузна вечер на која политичари, директори и бизнисмени дегустираа македонски вина и храна.
„А1он“ претходно објави дека има информации дека над стотина луѓе од Владата и министерствата присуствуваат на неколкудневниот Саем и на Самитот Отворен Балкан на кој се зборуваше за светската енергетска криза, штедењето во услови на нагло поскапување на електричната енергија и гасот.
„А1он“ го праша портпаролот на Владата, Душко Арсовски колку луѓе брои државната делегација, колку ќе ги чини граѓаните ова патување во Србија среде економска криза и започнати мерки на штедење и дали има потреба големи делегации од над стотина луѓе на државна сметка да патуваат на вакви настани, но не доби одговор. Портпаролот не одговори и колку новинари патуваат на сметка на Владата и по кои критериуми се избираат медиумите за следење на владините настани.
Истовремено „А1он“ преку слободен пристап до информации од јавен карактер побара од Владата да ги достави имињата и презимињата на сите лица кои патувале на трошок на државниот буџет и колку вкупно е трошокот кој овие лица го направиле.
Дел од македонската делегација на Саемот во Белград се ресорните министри за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за правда Никола Тупанчевски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.