Откако вчера вечер, на прославата на двегодишнината од работењето на ЛГБТИ центарот во Македонија, 30-тина маскирани напаѓачи го демолираа кафе барот „Дамар“ и повредија неколку луѓе, нема информации дали се пронајдени или приведени осомничени за овој напад. Кочо Андоновски од ЛГБТИ центарот за А1 он сведочи дека се работело за брутален напад, во кој била повредена една девојка и едно момче. Напаѓачите биле немилосрдни.
-Ова е веќе шести напад за 2 години и досега никој не е уапсен, никој не е казнет и не знаеме што мислат овие институции да прават понатаму, дали треба по улица да не’ тепаат и убиваат? Вакви случаи на насилство врз ЛГБТИ заедницата веројатно постојат надвор од светот кон кој ние гравитираме, значи Африка, веројатно некои арапски држави, Азија, Русија, Уганда… меѓутоа во демократскиот западен свет, каде што ние сакаме да се приклучиме, барем така декларативно се вели – вакво нешто не може да се случи. И да има ваков инцидент, потоа државата, институциите спороведуваат такви акции во кои не само што ќе ги најдат напаѓачите и тие ќе бидат казнети за да се обесхрабрат и други, туку ќе започнат и со промотивни кампањи за зголемување на свесноста на луѓето за тоа прашање, вели Андоновски за А1 он.
По овој најнов напад, на фејсбук има коментари што покажуваат згрозеност од овој брутален напад, но има и такви што ликуваат и чии коментари изобилуваат со говор на омраза.
– Што треба да се случи уште? Да биде убиен некој за да некој помисли дека треба нешто да преземе? Се дозволуваат, толерираат напади без никој да биде гонет и да сноси одговорност! Сосема доволно за да бидат охрабрени оние што се борат против секаков изблик на индивидуалност и различност! Срамно! Сурово и неправедно! Но сето тоа нема да го спречи поривот на слободните индивидуи да се борат за својата слобода и за својата гордост дека се различни!“, напиша Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет – Македонија.
„Страшно. Многу беше страшно. Омраза, густа омраза со нож да ја сечеш. Маса од 30 разулавени маскирани мажи не“ каменуваа со цел да не повредат, не да не заплашат. Со цел да повредат. Дожд од шишиња. Срчи и парчиња стакло на сите страни. Врисоци и плачење. И страв. Толку присутен страв што миризбата уште му ја осеќам. На едно девојче и’ ја дупнаа главата, десетици се со исекотини на лице, на врат, на раце, со срчи во очи. Следно, по улици со бејзбол палки ќе не тепаат. Другари, тоа е тоа право на живот за кое често ме прашувате кој тоа ни го загрозува. Ова е повторно таа ноќ на малите куриња за која пишуваше другарот Беличанец.
Сакам ова да запре, ова да биде последна таква ноќ. Овде да се стави крај. Сакам, не туку БАРАМ одговорните да ги преземат сите мерки за симнување на титулата херој од градите на напаѓачите. БАРАМ да ги преземат сите мерки за пронаоѓање и спроведување на сторителите пред судот на правдата. БАРАМ да се спроведат сите потребни мерки за обезбедување на безбедноста на сите граѓани на Република Македонија без оглед на нивната сексуална ориентација и родов идентитет. БАРАМ ПРАВДА!!!“, напиша Биљана Гинова на својот фејсбук профил.
Мрежата на организации кои се занимаваат со хомофобијата најавуваат конкретни акции, Андоновски оценува дека заплашувањето нема да вроди со плод.
– Секако дека се раѓа страв при вакви напади, затоа е шок, но, исто така, ова не’ прави уште подетерминирани, не’ прави уште посилни и уште поуверени дека се бориме за правда и нема никогаш да престанеме да се бориме за правда, вели за А1 он, Андоновски.
А.Б.