Не 15, како што се шири на социјалните мрежи веќе неколку дена, туку педесетина нови згради се предвидени на просторот на поранешната фабрика „Треска“, но не со планот кој сега се подготвува туку со планот усвоен во 2012 година кој сега е под мораториум. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на прашањето дали новиот план, како што се дебатира на социјалните мрежи, предвидува 15 нови згради на локацијата на фабриката одговори дека се уште не може да каже дали и колку нови згради ќе има оти планирањето не е завршено.
„Што ќе има на просторот на поранешна ’Треска’ односно во планот ’Буњаковец 2’ ќе знаеме кога ќе го добиеме предлог – планот и потоа кога ќе има јавна анкета и јавна расправа и кога ќе одлучат пред се луѓето кои што имат интерес таму, односно живеат таму, но и од насоките кои што ќе ги даде комисијата за урбанизам. Ние пред се дадовме насоки да се заштити јавната површина односно се што е земјиште на Република Македонија, да не биде злоупотребено како што било злоупотребено во минатите години. Дадовме насоки да се направат зелени површи кои што воопшто не постоеле досега, освен во парцелите да се направи и парк, бидејќи доколку има предвидено станбени или други објекти потребно е да има и парк, игралишта, место за паркирање, но за првпат таму побаравме да се направи и нова градинка. Нашата цел е да ги зголемиме капацитетите на целата територија на општина Центар, каде што нагло е променета структурата на населението бидејќи се изградени многу објекти, а никој не предвидел градинка или проширување на некои училиште, ние сега тоа го правиме“, вели градоначалникот Богдановиќ за „А1он“.
Од земјиштето на стара „Треска“ која излегувала на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов од една и на улицата Иван Милутиновиќ на друга страна, сега во сопственост на државата, односно на Општина Центар е само околу една третина. Останатиот дел по пат на денационализација бил вратен на поранешни сопственици. Градоначалникот Богдановиќ вели дека се подготвени да го откупат земјиштето доколку градинката или дел од неа се предвиди на приватните парцели.
На државното земјиште планот кој сега е под мораториум предвидува парковско зеленило, а на парцелите кои биле предмет на денационализација предвидени се два вида згради. Едни со максимално дозволена висина од 19,2 метри односно приземје, пет ката и потпокрив, и други со максимално дозволена висина од 16,2 метри односно приземје, четири ката и потпокрив.
Градоначалникот Богдановиќ вели дека од планот ќе биде отстрането се што отстапува од параметрите.
„ Треба да се задоволат одредени параметри кои што досега не се испочитувани. Сега ќе бараме да се почитуваат. Кога ќе треба да се намалува, ќе се намалува, како и во другите планови, за да ги задоволиме параметрите што не сме ги измислиле ние туку ги дал или Генералниот урбанистички план или Законот. Не можам да зборувам ниту за висини, ниту за ширини ниту за број на објекти. Таму каде што не се испочитувани одредени услови – да ќе бришење објекти. Имавме таков случај во ’Даре Џамбаз’каде што бришевме цели објекти бидејќи е лудо тоа што некој без врска го испланирал само заради лична корист“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Тој нагласи дека последниве две години поради мораториумот не се издаваат одобренија за градење по актуелниот план „Буњаковец 2“. Вели дека во Општината постојано доаѓаат граѓани заинтересирани за градење на просторот на поранешна „Треска“, но на сите им било објаснето дека планот е во изработка и дека купување парцели за градење е на нивен ризик.