Новинари и активисти, денеска положија цвеќе на местото каде точно пред две години новинарите беа спречени да протестираат против затворската казна на Томислав Кежаровски.
Тој денеска дојде на местото каде пред точно две години полицијата насилно ги спречи новинарите да протестираат против неговото затворање и пресудата од 4,5 години за напишан текст.
– Дојдов на ова, за мене свето место, да ја искажам мојата благодарност до сите мои колеги и поддржувачи на слободата на говорот, кои на овој ден пред две години го кренаа гласот против одлуката на судот да бидам осуден на 4,5 години затворска казна за напишишан текст, рече Кежаровски.
Кога се случи протестот пред две години Кежаровски беше во затвор, кога се одбележуваше една година од настанот, тој беше во куќен притвор.
– Овој ден не треба да се заборави, не заради Кежаровски, туку заради тоа што полицијата крена рака на новинарите, крена рака на слободоумниот човек.
Јавната употреба на умот на секој од нас, сега е повеќе од потребна, колку е поголема вклученоста на умот, толку е помалча шансата за опстанок на безаконието. Да не дозволиме стравот да ни ја уништи слободата да ни ја уништи способноста да одлучуваме самите за себе и да не дозволиме страво да ни ја намали способноста за запазување на вистината, порача Кежаровски.
Новинарот Кежаровски беше осуден за откривање идентитет на заштитен сведок во два текста објавени во 2008 година во весникот „Репортер 92“. Оваа пресуда предизвика жестоки и реакции и осуда и од бројни меѓународни новинарски организации.
А.Б.