ВИДЕО: Какви бенефити ужива Груевски во Будимпешта?

Од:

Осудениот Никола Груевски, по добивањето азил од Унгарија, може слободно да шета на улиците во Будимпешта. Законот за азилот, кој ги утврдува правата и обврските на бегалците, предвидува Груевски да добие документ за лична идентификација, но и двојазичен патен документ со кој ќе може да патува во која било земја што ќе му дозволи влез. Но, напуштањето на Унгарија за Груевски ќе биде опасност бидејќи може да биде уапсен и екстрадиран во Македонија затоа што МВР има активирано меѓународна потерница по него за издржување двегодишната казна затвор. Унгарската легислатива за азил не дозволува бегалците да се враќаат во земјата од која мигрирале, односно ако Груевски не смее да влезе на македонска територија.

Бегалецот Груевски ќе ги ужива истите права како унгарските државјани.

Право на здравствена заштита, вработување, гласање на избори за градоначалници и локални референдуми се дел од бенефитите што ќе ги ужива експремиерот на Македонија, Никола Груевски. Тој со добивањето на статусот на азилант, ќе мора да оди на медицински прегледи, испитувања, лекарски третмани, да прима вакцини пропишани со Законот за јавното здравство, но и да соработува со Канцеларијата за имиграции и азил.

Македонскиот експремиер ќе има заштита од Унгарија три години, а потоа ќе треба да го обнови статусот на бегалец, а Канцеларијата за имиграција и азил може да одлучи да го повлече статусот на азилант. Како и сите други бегалци што добиле азил во Унгарија, така и Груевски од државата може да добие државно сместување 30 дена, кое моментно не го користи. Тој нема да добива ниту финансиска поддршка од Унгарија, што значи дека ќе мора да работи или да најде друг начин за да ги плаќа тековните трошоци што ги има во земјата каде што сега живее.

По три години непрекинат престој во Унгарија, Груевски ќе може да биде и нејзин државјанин. Овој статус ќе може да го добие ако против него нема постапки што се водат во унгарскиот суд, а истовремено да нема ниту криминално досие во Унгарија. Вториот услов е тој да поседува средства и место за живење, а неговата натурализација да не се смета за закана против јавната политика или национална безбедност на Унгарија. Груевски ќе треба да има основно познавање и на унгарскиот јазик и тоа да го докаже на испит, освен ако овој услов не биде изземен со посебен акт.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Унгарија повторно ќе ја блокира помошта за Украина

(ВИДЕО) Страотна несреќа на рели во Унгарија: Најмалку четворица мртви

Катерина Ѓуровски

Испливаа детали за скандалот кој ја принуди унгарската преседателка на оставка

Катерина Ѓуровски

По претседателката Новак, оставка поднесе и унгарска пратеничка

А1он

Сијарто: Унгарија не сака руски имот, тоа е наследство на комунизмот

Орбан: ЕУ ни се заканува со Армагедон