(ВИДЕО) Кафеаните ги отворија вратите за гостите: келнерите со маски, редари се грижат за протоколите

Од:

Со строго придржување до мерките, со маси распоредени на два метра растојание, келнерите со маски, на секоја маса средство за дезинфекција и редарска служба на влезот на локалот, рестораните и кафе-баровите почнаа со работа по два и пол месеца пауза. Еден од персоналот се грижи за дезинфекција на гостите и сместува на една маса до двајца ако не се роднини и до четворица ако се од исто семејство. Ова мерка, како што велат угостителите, им зададе главоболка затоа што не може да го проверуваат идентитетот на гостите со лични карти и да утврдат дали навистина се роднини.

„Најважно е што отворивме и што почна работата. Ги имаме протоколите такви какви што се. За среќа, денеска имаме само гости што седнуваат на маса за двајца, но кога ќе дојдат четворица,  ситуацијата ќе биде непријатна. Ние не сме надлежен орган да им бараме лични карти, останува да им веруваме на збор. Да се надеваме дека целата ситуација ќе заврши набргу, па ќе можеме и нормално да работиме како пред коронавирусот“, вели Александар Трајковски, менаџер на еден скопски ресторан, за „А1он“.


Угостителите велат дека ќе работат со половичен капацитет, но цените на пијалаците и на храната ќе останат исти. За да си ја олеснат работата, направиле реорганизација на вработените, при што едни се задолжени за пречек, други за дезинфекција, а трети за наплата.

„Мора да се приспособиме ако сакаме да работиме. Денеска служиме само пијалаци, а од утре ќе почнеме и со храна. Еден од вработените е задолжен да ги пречекува и сместува гостите, а другите се грижат за дезинфекција на масите, кои задолжително ги поминуваме со средство и пред и по гостите. Ние имаме можност да организираме и маса за 12 лица, со пропишано растојание од 1,5 метар од секој гостин. Доколку имаме таква резервација, не е проблем. За среќа, имаме и гости што ја разбираат состојбата во која се наоѓаме не само ние туку и целата држава“, вели Димитар Наунов, менаџер на друг скопски ресторан.

Гостите што денеска уживаа во првото кафе на летните тераси по два и пол месеца пауза, велат дека не им се проблем протоколите за работа во рестораните и дека е важно да се почитуваат.

„Иако е со рестрикции и со ограничување, во ред е, мислам дека луѓето се среќни што, конечно, може да седнат некаде и да се напијат кафе. Ресторанот е чист, дезинфициран, атмосферата е пријатна, не е важно што сме со маски, такви се правилата и тие мора да се прифатат“.

„Му се враќаме на социјалниот живот, тоа е најважно. Со сопругата сме чести гости на овој ресторан, оваа е наша маса и, еве, конечно, дочекавме да се вратиме и да уживаме во убава храна и чаша вино. Ќе носиме маски, ќе ги дезинфицираме рацете сè додека тоа е потребно. Најважно е што почнавме да излегуваме надвор од домовите“, велат граѓаните, кои денеска беа гости во кафеаните покрај кејот на Вардар.

Според протоколот за работа, кафеаните ќе бидат отворени од 8 до 22 часот, а во оваа фаза забрането е организирање свадби, крштевки и други веселби и собири.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска