(ВИДЕО) Јакимовски: Карпош не се откажува од култната сала „Партизан“

Од:

По повод неодамнешната одлука на Владата на РСМ за одземање на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, која досега беше во владение на Општина Карпош, денеска пред медиумите со своја реакција излезе градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој остро го осуди овој потег на извршната власт.

-„На седми јули во понеделникот, во време на годишни одмори во 15:33 часот, ни стигна порака од министерот за спорт и млади, дека со одлука на Влада која е донесена на 17 јуни, се одзема од локалната самоуправа спортската сала ,,Наум Наумовски-Борче”, или како што граѓаните популарно ја знаат „Партизан“, и истата се дава во владение на Министерството за спорт и млади. Општина Карпош се противи на оваа одлука, а во таа насока денеска и Советот донесе одлука во која што сите советнички групи, значи и Социјалдемократскиот сојуз и независните советници, како и Левица и ГРОМ, гласаа против одземањето на оваа спортска сала и бараат да се искористат сите правни средства за ова да се спречи. Нормално, против беше само советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за која што не ни очекувавме да ја поддржи одлуката, бидејќи тие не мислат за граѓаните туку мислат само за својата партија и за своето раководство“ – посочи Јакимовски.

Првиот човек на Општината објасни дека спортската сала и е предадена во владение на локалната самоуправа во декември 2023 година, каде веднаш по примопредавањето се констатирани бројни недостатоци.

-Кога направивме увид, прво воочивме дека нема радијатори, нема приклучок на парно греење, оваа спортска сала нема вентилационен систем, можете да замислите кога 100 луѓе внатре ќе тренираат што се случува со пареата. Понатаму, немаше ниту еден реквизит, немаше ниту една клупа, ниту пак закачалка во соблекувалните, приклучок на струја и вода, сето тоа Општината Карпош го правеше. Разговарав повеќе пати со раководството на Агенцијата за млади и спорт при што ми беше ветувано дека сето тоа ќе го средат, од декември до февруари. Во февруари се распишаа изборите, нормално во изборниот процес не може ништо да се реагира, на 17 јуни минатата година пратив писмо како градоначалник до Министерството за млади и спорт каде ги наведов сите овие недостатоци, и згора на тоа салата во текот на зимскиот период протече, покажа на одредени делови влага, при што предупредив дека сето тоа треба да се санира и нормално дека не може само да ни се дадат цевки а да нема радијатори“ – објасни Јакимовски.

Тој обелодени дека откако го доставил дописот до надлежните, оттаму не добил никаков одговор од нив, по што телефонски разговарал со министерот Борко Ристевски и го замолил да дојде за заедно да направат обиколка на спортската сала и да се договорат во која насока да интервенираат.

-„Сакав да утврдиме доколку се согласува да ги покрие трошоците за реквизити и за останати потребни услови за користење, во ред, доколку не, тогаш да преземе Општината. Тој се согласи и рече дека ќе дојде, па по извесно време повторно го побарав не одговараше, па уште два пати го побарав пак не одговараше. На 25-ти ноември му праќаме допис за истите недостатоци, а во исто време Општина Карпош буџетира средства од буџетот на Карпош за набавка на реквизити. Набавивме мрежа за одбојка, рип-столи, отскочни даски, греди, поставивме клупи, и се она што е потребно за да функционира една спортска сала и ја ставивме во фукнција. Ученичките спортски игри се одвиваа токму тука од крајот на март до крајот на мај и во исто време распишавме и конкурс за сите спортски клубови и поединци кои се заинтересирани за користење на оваа спортска сала“ – рече Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош информираше дека Општина Карпош досега вложи 4 милиони денари за оваа намена, каде хортикултурно го уреди просторот околу спортската сала, постави хидрантски системи, ново лед – осветлување, и затоа јавно упати прашање, каде локална самоуправа згрешила во односот кон Министерството за спорт?

-Владата и Министерството треба да комуницираат со локална самоуправа, секоја општина има свои органи има градоначалник има Совет, не е ли коректно да седнеме да поразговараме, ако имаат некои други намери и да видиме како тоа ќе се разреши. На кој начин тие одлучуваат да ја одземат салата и можете да замислите одлуката на Владата нема никакво образложение, без никаква причина само од лично задоволство ја одземаат спортската сала, за да ја употребат за нивни бизнис интереси, мислејќи дека во оваа спортска сала има бизнис. Најодговорно тврдам дека во оваа спортска сала нема бизнис, има трошоци од спорт, впрочем ова не може да функционира на тој начин и да ги покрива сите трошоци. Нормално е дека локалната самоуправа секој месец ќе ќе вложува дополнителни средства за одговорни луѓе коишто ќе ја одржуваат хигиената, за поправки и тековно инвестициско одржување, како и сметките за електрична енергија, за водоснабдување и за парно греење“ – беше концизен Јакимовски.

Тој напомена дека според неговите проценки Општина Карпош на годишно ниво треба да издвојува околу 100.000 евра, за овој култен објект да функционира.

-„Впрочем има ли објект што сме го добиле од Владата а тоа се училиштата, градинките, општинските простории и слично, а не сме ги реновирале или пак унапредиле во смисла на поголема функционалност? Досега Општина Карпош во градинките и училиштата вложи повеќе од 8.000.000 евра, локалната самоуправа ги сруши бараките и изгради нова општинска зграда која ќе биде најубавата во Македонија. Така и кон оваа спортска сала, Општина Карпош ќе се однесува како добар домаќин и ќе ја стави во функција на граѓаните. Значи нив не им се битни граѓаните, туку единствено бизнис интересите на Борко Ристески на што најостро се спротивставуваме и ќе се спротивставиме нема да дозволиме така лесно да ја земат оваа спортска сала во која што ние сме издвоиле средства од граѓаните. Како што ви реков досега сме издвоиле 4.000.000 денари, а со тие средства ќе го реконструиравме азбестниот покрив на градинката „Распеана младост“ во Карпош 1, за дечињата да не претстојуваат под азбестен покрив“ – констатираше Јакимовски.

Во оваа пригода градоначалникот на Карпош ги повика сите сограѓани вечерва од 19:30 часот да се придружат на мирниот протест пред спортската сала „Партизан за да го искажат својот револт од оваа како што самиот вели, небулозна одлука на Владата, каде без никаква комуникација со локалната самоуправа донесува одлука, што е спротивна на интересите на граѓаните на Општина Карпош.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Јакимовски: „Мајски цвет“ ќе се урива, на нејзино место ќе се гради нова и модерна градинка

ВИДЕО: Расистички навреди, Партизан ја објаснува бруталната тепачка на неговите кошаркари

Кошаркарите на Партизан поразени од Дубаи во АБА лигата

Јакимовски и жители на Злокуќани не сакаат Центар за зависници во болницата „Бардовци“

Јакимовски: Со поставувањето на фотоволтаици ќе се придонесе за поздрава и почиста животна средина

Горан Наумовски

Драконски казни за Партизан и Црвена звезда