Ако државата може да земе кредит за да ги деблокира сметките на задолжените општини, исто така може да продаде една даночна обврзница и со средствата да овозможи бескаматно кредитирање на долговите на граѓаните чии сметки се блокирани, а извршителите им наплатуваат неверојатни камати, го изнесоа својот став претставници на граѓанските здруженија „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и КСОМ (Конфедерација на синдикалните организации на Македонија), на која изнесоа и нови информации за Законот за извршувањето и за работа на извршителите.
Според нив, не може државата за општините да биде мајка, а за сопствените граѓани маќеа и пред нејзини очи да се случува овој финансиски геноцид и осиромашување на граѓаните.
По прес-конференцијата што се одржа пред Народната банка на Република Македонија, тие своите барања и аргументирани тврдења ги испратија до НБРМ.
„Во проблемот, условно да го наречеме блокирање на трансакциските сметки на граѓаните, се сретнуваме со постапување на носителите на платниот промет, кое значи непочитување на законската регулатива. Проблемот е присутен повеќе години и зема сè поголем замав оставајќи зад себе тешки последици. Убедени сме дека вие како регулатор на платниот промет сте најповикани да го разрешите, а се надеваме дека ќе го изнајдете најдоброто решение“, стои во писмото до НБРМ.
Меѓу другите аргументи, претставниците на овие граѓански здруженија истакнаа дека според Законот за платниот промет, единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа според Законот е УЈП.
„Никој друг нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата. Извршителите, лица со јавни овластувања дадени со закон, вршат присилно извршување, но не и присилна наплата. Извршителите поднесуваат налог за извршување (или барање за извршување) до носителот на платниот промет, но не поднесуваат решение за присилна наплата, како што бара Законот за платниот промет“, неведуваат тие.
Во Законот за платниот промет, тврдат тие, јасно стои дека се бара донесување решение за присилна наплата, а не налог за извршување што извршителите го доставувават до носителите на платниот промет, по кој тие незаконски постапуваат блокирајќи ги трансакциските сметки на граѓаните.
Тие ги прашуваат надлежните зошто носителите на платниот промет постапувават спротивно на одредбите од Законот за платниот промет и бараат стручно мислење за настанатиот проблем и да се поведе иницијатива за интервенирање во Законот за платниот промет.
Здруженијата велат дека набргу ќе организираат и протести на кои ќе се сврти вниманието кон речиси 200.000 граѓани што се под финансиски геноцид од извршителите, а државата учествува во бесправното крадење на граѓаните со блокирани сметки и нивното секојдневно осиромашување.
А.Василевска