Во рамки на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година, во собраниската Комисија за финасирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, побара голем дел од 100 милиони евра планирани за купување на оружје да се пренасочат кон проширување на капацитетите, како просторни така и кадровски, за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Состојбата е ужасна. Проценките се дека 4.000 деца чекаат за упис во градинки во Скопје. Во групите има по 35-40 деца со само една негувателка. Тоа е неприфатливо“, истакна Исмаил.
Средствата што треба да се пренаменат со амандманот ги предлага во две ставки во Министерството за социјална политика. Една е во делот за пренесување на трошоците во делот на единиците на локална самоуправа, а другата во капитални расходи за изградба и одржување на објекти.
„Конечно треба да се направи баланс помеѓу социјалната потреба во општеството, како што е овој со згрижување на деца од предучилишната возраст и она што го имате предвидено за купување на оружје“, порача Исмаил укажувајќи на фактот дека долги години државата го занемарува проблемот со јавните градинки.
Тој посочи дека голем број родители се принудени да ги носат своите деца во приватни градинки иако цените таму се значително повисоки. „ На овој начин вие го поттикнувате приватниот бизнис во оваа јавна услуга. Тоа не е фер за социјална држава како нашата, со држава која што исто така има сериозен проблем со демографијата“. Исто така истакна дека државата треба да ги охрабрува младите семејства, а не да ги оптоварува.
„Ние наместо да ги стимулираме младите брачни парови дека нивните деца ќе бидат згрижени во државните градинки, ние практично ги дестимулираме да оформат семејство и да имаат новородени деца. Сметам дека овој амандман ќе придонесе за сериозно да се зафатите и да изградите поголем капацитет во оваа област“, заврши Исмаил.
