(ВИДЕО) Интервју со Маричиќ: Кога дававме средства на државни институции, Груевски немаше никаков проблем

Од:

Има премногу конкретни работи во кои сме соработувале со државни институции, имаше проекти Фондацијата отворено општество – Македонија директно со институциите во државата, и јас сум работел во Министерството за внатрешни работи како резултат на соработката на ФООМ и МВР во периодот 2007-2008 година. Имало и други такви проекти. Ни самите тие немале против да помага Фондацијата Отворено општество и невладините организации. Тоа стана проблем во последните неколку години, откако голем дел од организациите се осмелија да ги критикуваат општествените случувања и работата на власта што е според мене едно инхерентно, вродено право и должност да бидат совест во општеството, вели во интервју за А1он извршниот директор на Македонскиот центар за европско образование, Бојан Маричиќ.

Граѓанскиот сектор е мета на напади од страна на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од објавување на Прогласот, па се до денеска. Знаете ли што следно планира Груевски и дали ова ви личи на сценариото на затварање на А1 телевизија?

– Има многу елементи кои што наликуваат на тоа сценарио и кои што може да се каже дека би воделе кон таков исход, меѓутоа постојат многу разлики од околностите од 2011 година и денес кои што му ја отежнуваат работата на Груевски да испланира едно такво сценарио и да го спроведе до крај. Прво и основно, од тогаш се изминати 5 ипол години и намерите на Груевски се кристално јасни за целата јавност.

Ако тогаш имало дилеми дали има намера да ја затвори телевизијата или пак дали ќе ја затвори поради затајување на данок или загушување на слободните медиуми, денеска нема никој дилема кои му се намерите и зошто. Исто така, Груевски мисли дека со секое замолчување на еден од оние кои ги означува како противници, ќе си ја олесни работата односно ќе си го врати рејтингот кој е сериозно нарушен, но мислам дека погрешно смета дека граѓанските организации се исклуително виновни за падот во неговиот рејтинг, изборните резултати и така натаму. И овој пат, лагодноста на позицијата му е одземена. Нема како во 2011 година толкав број пратеници и толкаво мнозинство како тогаш за да може да прави вакви работи.

Дури и да успее да формира влада, таа ќе биде со многу тенко мнозинство и со многу силна опоизиција, уште посилна од претходно. После овие две години, кога луѓето се охрабрија, граѓаните често излегуваа на улица, мислам дека и нему му е јасно дека овојпат нема да може толку лесно да ги спроведува тие работи, особено што голем дел од граѓанските организации се и меѓународно вмрежени, значи ќе има тука и меѓународен притисок доколку тргне сценарио на затварање или друг вид на репресии, така што има повеќе околности кои не му даваат да започне еден таков процес и да го заврши.

Мислам дека ќе оди повеќе на креирање на атмосфера на непријателство кон граѓанските организации и може да направи обид законски да ги регулира работите на организаиите како што му одговара нему или пак да оди на проширено финансирање на провладини организации кои ќе имаат функција да ја фалат власта и тоа да го покаже како демократски процес, а ќе има за цел да ги замени „соросидите“. Еден убав диктаторски план, но се надевам дека нема да му успее.

Во вчерашно соопштение на ВМРО-ДПМНЕ насловено „десоросоизацијата отпочнува“, партијата наведува „СДСМ и Сорос се гробарите на невладиниот сектор во Република Македонија“. Се чувствувате загорзено од СДСМ и од Фондацијата отворено општество?

– Тоа соопштение е далеку од умот и далеку од реалноста. Тоа е нивното толкување на работата на граѓанскиот сектор во последните 25 години. Јас лично и многумина мои пријатели кои работат во граѓанските организации сме веќе долго во организациите и имаме работено во различни услови и повеќе власти и никогаш не сме имале никаков страв, и кога била СДСМ на власт да ја критикуваме без да има било какви последици. Немаше ни во време на Груевски во првите неколку години. Но неговата трансформација од реформатор во автократ доведе до оваа ситуација.

МЦЕО постои 15 години и нашата работа не е променета, само е засилена во последните години затоа што има засилени загрозувања и уназадувања во Македонија. Погрешна е дијагнозата дека било кој, СДСМ или Сорос одат кон гасење или закопување.

Да не беше Фондацијата Отворено општество и уште неколку донатори, немаше да постои граѓанскиот сектор во Македонија кој за волја на вистината има вложено многу пари во многу реформи во државата, од образование, судство, реформа на јавната администрација, труд и социјална политика, многу прашања се отворени и решени во општеството благодарејќи на ангажманот на невладините организации, има помогнато на многу луѓе поединечно да се школуваат, да се образуваат, да добијат стипендии, огромен број на ромски ученици и студенти кои добиваа стипендии, голем број на медиуми кои што добиваат средства за да во овие невозможни услови продолжат да работат и да постојат како независни од власта, така што далеку од тоа дека на било каков начин и СДСМ и ФООМ го гушат или закопуваат граѓанскиот сектор.

Во интервју за еден медиум, Груевски вели дека ФООМ е монопол во НВО секторот бидејќи 95% од невладините биле финансирани од таму. Ви диктираат ли од фондацијата што да работите кога ќе ви дадат грант?

– Секој кој што учествувал во работа на невладина организација или аплицирал на некој повик знае како тоа функционира. Во најголем број од случаите, вие самите го смислувате проектот, сами ги слмислувате активностите, има некои општи цели на повикот и доколку ги задоволувате тие цели ќе го добиете проектот. Имало ситуации кога сме биле одбивани и од ФООМ и од други донатори, имало ситуации и кога сме добивале пари. Ние имаме и стратешка соработка со Фондацијата Отворено општество и сите настани, сите активности се пред се иницијатива на самите организации и се спроведуваат од организациите.

Постојат и заеднички потфати кои што ги договараме заедно, меѓутоа нема никакво наметнување, тоа е проекција на начинот на кој што функционира ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски со нивните партнери, пријатели, соработници и тие сметаат дека сите функционираат на истиот начин. На крајот на краиштата, голем број од овие луѓе кои се на некој начин ангажирани во невладините или се интелектуалци кои се повремено ангажирани за некој проект се луѓе кои покажале независност од било која политичка структура и луѓе кои што не можете ниту треба да ги принудувате на било што. Таа теза дека постои еден монополски центар кој ги контролира сите е само теорија на заговор за да се шири омраза.

Постојат и други големи фондации во Македонија кои исто така имаат круг на организации со кои соработуваат, сигурен сум дека 95% не е точна бројка, но во голема мера фондациите кои пред се водат овде активности, и други донатори кои доаѓаат, Европска Унија, конкретни амбасади, програми на некои влади и така натаму доаѓаат во Македонија пред се за да помогнат и имаат во многу работи помогнато, и на локално и на централно ниво. Конкретни инфраструктурни проекти финансирани од ЕУ, инфраструктурни проекти финансирани од ФООМ во некои општини.

Во истото интервју, Груевски ги нарекува невладините организации „класична армија“ и вели дека освен со СДСМ, битката се водела и со НВО, корумпирани медиуми и новинари. Нели е парадоксално со оглед на тоа што го слушнавме во „бомбите“?

– Тоа е трагикомично, таква изјава да дадете не одговара на реалноста воопшто. Да се доделува толкава моќ на граѓанските организации дека се во ситуација да имаат толкаво влијание врз стотици илјади граѓани, тоа е претерување. Факт е дека имаат свои редовни канали на делување, но тоа се прави од секогаш, не е нешто што се прави во последните години. Тоа е креирање на непријател кој треба да биде виновен заради тоа што граѓаните се разбудија.

Клучниот проблем на Груевски е што граѓаните се разбудија, што почнаа јавно да критикуваат и да протестираат од објавувањето на „бомбите“ наваму за сите процеси, ние да бидеме обвинувани дека сме некакви мрачни сили, а да слушаме какви мрачни работи се случуваат во државата под водство на главните властодршци, од случајот Мартин Нешковски, па се до другите случаи и на корупција и притисоци, навистина е несоодветно и не одговоара на реалноста.

Тоа е само пренесување на вниманието на јавноста од тоа што го работат кон сега да видиме што работат невладините иако многу малку од нив располагаат со јавни средства и самиот Груевски вели дека има многу малку пари за невладините организации. Нема манипулации на јавни средства, нема затајување на даноци, нема ништо нелегално или недозволено. Таквата криминализација е антидемократски чин и чин со намера да се креираат нови непријатели.

Веднаш по прогласот на Груевски, кај вас, во уште неколку невладини организации и во Фондацијата отворено општество влегоа инспекции. Случајно или оркестрирано?

– Би сметале дека е случајно ако се случуваше во некое друго време, иако беа опфатени поголем број на организации. Ако беа опфатени 50-60 од организациите кои работат во Македонија, па ќе речеме нема што да се буниме, но во оваа ситуација кога се случува веднаш по објавувањето на Прогласот, каде што директно се објавува тој процес на „десоросоизација“, второ, се случува веднаш по изборите, а во четири последователни интервјуа потоа Груевски како главен противник ги назначува Сорос и невладините организации, што за мене претставува големо потценување на граѓантие. Да потцените 600 илјади граѓани и да кажете дека сите тие се заведени од Сорос, а не се свесни за тоа што се случува е потценување. Целиот контекст укажува на тоа дека е оркестриран напад.

Знаете ли што бараа, или пак се обидуваа да креираат сценарио?

– Ги бараа сите приходи и расходи во 2016 година. Од 1.1.2016 година до 5.12.2016 година и ние ставивме се на располагање. Не заврши таа проверка, престана без најава кога ќе продолжи, не знаеме ни зошто, меѓутоа се што се бараше беше ставено на увид.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

(ВИДЕО) Интервју со Таравари: Рама и Курти ме поддржаа да се кандидирам, тоа не е мешање во Македонија, поддршка може да даде секој

(ВИДЕО) Интервју со Ванковска: Да излеземе од НАТО, а договорите со Грција и Бугарија да се поништат, ако мислиме дека не може, тогаш сите во Вардар

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Јакимовски: Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ мора да најдеме алтернатива, ова стана поигрување со нацијата

Александар Тодески

Карлсон: Ме следеа пред разговорот со Путин

Горан Наумовски