Новиот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, ќе бара отчет за секое потрошено евро за странските инвеститори во зоните, откако се ставени во функција. Во интервју за „А1он“ тој открива дека државата досега по основ на ослободување и субвенции има исплатено околу 4 милијарди денари на странските инвеститори, а во следните пет години, пак, треба да им исплати уште околу 10 милијарди денари. Во тек е подготовка на анализа на досегашното работење, која освен отчет за сработеното, Деспотовски најавува дека ќе биде и база за понатамошните чекори што ќе се преземаат за странските инвестиции во земјава.
„Таа анализа треба да ни покаже што сме добиле како држава за секое евро што е вложено во тој процес. Дали за едно евро што сме го вложиле сме добиле едно и пол или сме добиле половинка назад“, вели директорот Деспотовски.
Најавува дека ќе престане праксата на внесување инвеститори само заради сликање и фалење во политички кампањи што ќе настојува да го постигнат со воведување заштитен механизам од промашени инвестиции кој подразбира дека ќе се внимава во земјава да влегуваат инвестиции со поголем квалитет, со повисоки плати за вработените и инвестиции кои ќе овозможат поголема вклученост на домашните компании во индустриските зони.
Повеќе од 14.000 вработени во зоните Деспотовски најавува дека во следните четири години ќе добијат 30 – 50 % поголеми плати. Според него засега вработените во индустриските зони не треба да стравуваат за работните места и покрај пандемијата која за 9 отсто го намалила извозот во периодот јануари- октомври годинава во споредба со истиот период лани.
Нови 15 милиони евра ќе се вложат во веќе изградените индустриски зони во земјава оти голем дел од нив останале недовршени а веќе функционираат.
„Доаѓа инвеститор, ние сме дале еден куп пари за економска промоција, го носиме тука, му покажуваме дека се е супер, а тој ќе дојде кај некој кој што веќе функционира, а кој што ни е незадоволен клиент, ќе го споделат искуство и милионите што се фрлени во промоција ќе паднат во вода заради еден незадоволен клиент, заради едно чешмиче што недостасува. Е толку е важно тоа чешмичето. Тоа е образот на државата. Сегментот на грижа на корисниците кои се веќе внатре ми е исклучително многу важен и веќе разговараме како да го унапредиме дополнително“, вели Деспотовски.
Тој не открива со кои нови странски инвеститори се во преговори, но вели дека има најави од веќе постојните инвеститори за проширување на капацитетите во кои сега се создава 45 отсто од македонскиот извоз.