(ВИДЕО) Интервју со лидерот на БЕСА: Груевски нема легитимитет за премиер ниту за било каква функција

Од:

Никола Груевски го нема легитимитетот не само за да биде премиер, туку за да има било која државна функција се додека не се расчисти неговиот случај пред Специјалното јавно обвинителство, вели во интервју за А1он лидерот на БЕСА, Билал Касами.

Кои се вашите последни информации, може ли Ахмети да формира Влада со Груевски, односно има ли можност за манипулација со барањата во платформата?

– Не би сакал да шпекулирам која би била позицијата на Ахмети во случајот, но имајќи предвид дека ДУИ владееја 10 години заедно со ВМРО-ДПМНЕ големи се можностите тие пак да се обидат да состават Влада имајќи предвид исто така дека ги имаат и бројките и мислам дека нивното владеење и тоа што Македонија е во ваква ситуација е заеднички именител на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Иако ставија потпис на таа платформа, односно на декларацијата на политичките партии на Албанците во Македонија, сепак тие прва опција со која партија би направиле коалиција од македонскиот блок сепак ќе биде ВМРО-ДПМНЕ.

Што ќе се случи ако Ахмети не се држи до платформата и влезе во Влада, како ќе реагира БЕСА?

– Ние нема да поддржиме никаква иницијатива било од Ахмети или некој друг која не се базира на тие барања кои се ставени во заедничката декларација. Почетната изјава на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифатат двојазичност и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство на некој начин ја исклучува поддршката на БЕСА на било каква Влада која ќе биде направена од партија која нема да поддржи решавање на прашањето за албанскиот јазик и СЈО.

Мислите дека Груевски и понатаму може да биде премиер на сите граѓани?

– Имајќи предвид дека СЈО има покренато постапка против Груевски и основниот принцип на Движењето БЕСА дека луѓето кои се обвинети, односно оние за кои се покренати обвиненија од Специјалното јавно обвинителство не треба да бидат во никаква комбинација за следната Влада.

Значи сметате дека е потребно да се тргне Груевски од политичката сцена?

– Потребно е декриминализација на Македонија, во овој процес треба да бидат опфатени сите функционери кои во минатото ја злоупотребија нивната јавна функција и откако ќе се случи тоа, ако некои од нив би излегле чисти од тие правни процедури, сигурно дека може да продолжат да се занимаваат со политика. Во вакви околности, кога Македонија е во тешка криза институционална, мислам дека основно што треба да прават сите инкриминирани е да се тргнат, да немаат влијание врз отпочнатите процеси на СЈО.

Би влегле во Влада со Заев и Ахмети?

– За нас како БЕСА, колку што е крив Никола Груевски за ситуацијата во која се наоѓа Република Македонија, уште повеќе е крив и Ахмети, така што ние сме кажале јасно дека не би влегле во никаква комбинација, во никаква Влада во која се луѓе инкриминирани и за кои се започнати постапки од СЈО, или кон кои би се покренале постапки. За нас во иста позиција се и Ахмети и Груевски.

Во платформата Специјалното јавно обвинителство го има само во една точка. Сметате дека се остава можност некој од потписниците потоа да рече дека обвинителството е пристрасно, односно да го поддржи ставот на ВМРО-ДПМНЕ?

– Нашиот став е многу јасен за Специјланото јавно обвинителство. Ние бараме да продолжи работата на СЈО и да се реши случајот со Специјален суд или пак некое одделение во постојните судови се со цел да не се спречи работата на СЈО во функција на декриминализација на општеството во Македонија. За нас е јасно, нема да поддржиме никаква Влада во која нема да има јасен став кон овој процес кој е започнат во Македонија, процес кој е многу битен за иднината на државата.

Во платформата се наведени „Сопот“, „Бродец“, „Монструм“ и „Куманово“, но не и другите случаи на СЈО. Иако тие се важни за вас, нели сметате дека и другите случаи се исто толку битни колку и овие?

– Овде исто е симболика на монтирани случаи кои за жал се случија во минатото. Ние се залагаме да нема такви случаи, државата еднаш засекогаш да расчисти со таквите случаи. Државните институции, институциите од јавна и државна безбедност се тука да ги штитат граѓаните без разлика на верска и етничка припадност, а не да креираат случаи против нив. Мислиме дека е многу важно симболички да се има јасен став кон овие случаи од идната Влада за да се даде порака до граѓаните дека таквите случаи кои се случуваа од 90-тите наваму нема да се повторат.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он

Тошковски за поништувањето на неговите наредби: Во влада се тотално неинформирани, како не им е срам

Орце Костов

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов

Битиќи за владината набавка на 45 нови возила: Подобро е на лизинг, трошоците се помали

Орце Костов