Општина Чаир веќе 12 години е во заложништво на партијата, а ќе ја ослободиме на 15 октомври, порача денеска од пред општинската зграда Зеќирија Ибраими кандидат за градоначалник на Чаир од редовите на движењето БЕСА.
– Актуелната општинска власт во Чаир во предизборната кампања во 2014 година ветуваше дека на овој паркинг овде ќе граделе катна гаража. Ние сме тука да поставиме две прашања. Ја гледате ли катната гаража овде? Веќе одговорот се гледа. Ние поставуваме уште едно прашање – ако вчера претседателот на Општина Чаир не го исполнил своето ветување, зошто граѓаните треба да му веруваат на еден друг кандидат на истата партија. Ако еднаш лажеш и не исполнуваш ветување, цел живот стануваш лажго. А ако 12 години по ред лажеш и тоа безброј пати, тоа станува тешка задача за решавање и за најдобрите математичари, изјави Ибраими.
Ветуваме, продолжи тој, дека ќе го решиме хаосот со паркинзите во Чаир, со новиот план посветен само на овој проблем во Чаир.
– Тоа ќе биде обелоденето откако ќе видиме дали оставиле некој слободен простор во Чаир, бидејќи како што се мајстори за окупација на јавниот простор, не знаеме со што располагаме. Ние не ветуваме само за гласови, бидејќи со завршување на нашиот мандат немаме намера да се иселиме од Чаир. Ние се залагаме за нов живот во Чаир, рече Ибраими.
Ибраими се заблагодари на општинската власт, за како што рече, тоа што по вчерашната конференција им дале уште еден аргумент дека се во право.
– Тие што ја гледаат општината како партиски орган на партијата што е на чело на општинската власт, партиските реакции ги прават во име на општината. Така и вчерашната реакција против нас во која немаше никаков одговор зошто мамеле и лажеле веќе 12 години ја направиле под општинското лого, иако нашата реакција не се однесуваше на институцијата Општина Чаир, туку на партијата што владее со општината. Затоа сакам да им се заблагодарам што ни помагаат во оваа изборна кампања, рече Ибраими.