Премиерот Никола Груевски во емисијата „Јади бурек“ кажа дека за новинарот Томислав Кежаровски дознал по неговото апсење, а претходно не ни знаел дека постои на оваа планета.
-Новинарот Кежаровски не знаев дека постои, не знам со кои теми се занимавал, не бил во центарот на внимание со некои текстови кои отвориле некоја голема дебата, веројатно си ја вршел својата работа како што си ја вршел.
За него чув прв пат кога слушнав дека е приведен и притворен за случајот убиство, за одредени криминалци кои влегуваат во некоја куќа на старец, влегуваат го убиваат. Полицијата трага по нив неколку години, и успева да обезбеди заштитен сведок, кој вели дека сака заштита зошто ќе го убијат. Тоа е по закон казниво, доколку некој го објави заштитниот сведок.
Тој дознал дека има заштитен сведок и го објавува неговото име, и го става во опасност да биде ликвидиран. Согласно тоа полицијата и обвинителството вршат акција, ги апсат сторителите, и истовремено судот му дава притвор на Кежаровски, и така јас дознав дека тој човек постои на оваа планета, ни имe сум чул, ни презиме претходно.
Гледам еден речник на омраза кај една група новинари, не е проблем што не критикуваат, меѓутоа кај една новинарска група која е декларирина против Владата се гледа една таква омраза, една таква злоба, не поистеветуваат со ИСИС, овие што колат.
Јас ги сожалувам што легнуваат со толкава злоба против некого, јас не сакам да сум во нивна кожа. Тие немаат среќен живот, ако некого мразат, вие легнувате и станувате со една омраза. Посакувам да се повеќе среќни. Тоа не е нивен живот, тоа не е новинарство, рече Груевски.
Еве и јас сакам да бидам медијатор, и јас ве критикувам ама тоа се социјални проблеми, на шалтери, бирократски проблеми, никој од народов не зборува за слобода на медиуми или екстерно, народов е паметен. Ве поддржав многу за законот за јавната администрација, да се подобри нивното работење, а тоа е она што народот многу го интересира-повисоки пензии, подобро здравство, социјална помош, бирократски проблеми. Ние овде се занимаваме за некој виртуелен проблем-екстерно тестирање или државен испит, баш ми е гајле, рече водителот Јанко Илковски.
Новинарот Томислав Кежаровски беше уапсен три месеци по признавањето на главниот сведок на убиството во Ореше, Златко Арсовски, во февруари 2013 година дека бил присилен да биде лажен сведок во случајот.
-Се извинувам на браќата Ѓоргиевски и се срамам од тоа што го говорев толку време. Се’ им е наместено од Вељо, тоа е зет за внука на убиениот, кој ми кажа што треба да зборувам, а јас таа изјава ја потпишав. Инспектор од ДБК кој беше задолжен за мене, пред секое мое појавување во суд ми ја даваше да ја прочитам, да ја знам напамет и да ја повторувам. Така лагата стана вистина. Ми ветуваа 15 илјади евра да заминам во странство, сопругата да ја вработат, но ништо од тоа не се случи. Каков заштитен сведок сум, јас уште првиот ден бев пробиен, сите го знаеја мојот идентитет. Во притвор во Шутка дури и затворениците ме викаа кодош, шпион. Животот ми беше загрозен, а еден затвореник се обиде и со виљушка да ме прободе. Решив да ја кажам вистината, откако не ги исполнија ветувањата кои ми беа дадени“, рече Арсовски, кој пред Основниот суд во Велес говореше околу два часа во февруари 2013 година. Кежаровски беше уапсен во мај, 2013 година.