(ВИДЕО) Груевски доби седум години затвор, Мијалков една година и три месеци, Камчев една година за „Плацови на Водно“

Од:

Во предметот „Плацови на Водно, експремиерот и бегалец Никола Груевски е осуден на седум години затвор, како и на парична казна од 3500 евра. Неговиот братучед и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков доби една година и 3 месеци. Ристо Новачевски кој е кум на Груевски е осуден на условна казна, која ќе биде затвор во траење од две години, ако во наредните пет години не стори ново кривично дело. Бизнисменот Ненад Јосифовиќ исто така доби условна казна, кој ако во наредните пет години не стори ново кривично дело, нема да одлежи две години затвор. Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев доби една година затвор. Ратка Куновска-Камчева која беше гонета, не е осудена, бидејќи застаре делото за кое обвинителката Лиле Стефанова ја товареше.

Судењето траеше девет месеци. Судијата Илија Тркпков кажа дека бавната правда е половична правда и додаде: „Оттаму со право граѓаните очекуваат квалитетно, ефикасно и брзо завршување на постапките, бидејќи тоа е единствениот начин да се постигне специјална и генерална превенција. Имаше обвинувања од одбраната дека предметот се суди со голема брзина, но тоа беше во интерес на обвинетите особено што дел од нив беа во притвор. Пред јавноста ќе презентираме Белизе шема која произлезе од доказите, а на која судот поклони верба“.

Тој кажа дека очекувал обвинетите, сега првостепено осудени, да изразат каење, кога веќе одлучиле да не признаат вина. Груевски се гонеше дека земал еден милион од партијата ВМРО-ДПМНЕ, кои симпатизери ги донирале во партијата.

„На Груевски му биле потребни парични средства, одлучил да ги присвои партиските средства донирани од симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. За начинот на финансирање на партијата посведочи Гордана Јанкуловска која била генерален секретар. Таа наведе дека партијата била со блокирана сметка, а партијата функционирала со донации. Кажа дека не се евидентирале сите средства, само на дел од лицата им била издавана каса-прими. И Мартин Протуѓер потврди дека во партијата имало сеф со документација, но и финансиски средства. Како течела испораката на парите од општинските комитети до централата, кажа Влатко Чинговски кој бил курир. Мирослав Симјановски кој донирал 100.000 евра, потенцираше дека никогаш не донирал толку пари, бидејќи не поседувал ни толкави пари. Драган Огњановски просведочи дека донирал 300.000 денари, по барање на Коце Трајановски кој му ветил дека кога ќе дојдат на власт немал да има проблем со неговата фирма. Парите и ги предал на Гордана Јанкуловска. Обвинителството до судот достави докази дека Груевски примал износ од 88.000 денари. Неговата сопруга примала износ од 60.000 денари. Во Анткетниот лист не е пријавен недвижен имот чии значителна вредност ги надминува. Груевски не примал други пари. Од постапката се утврди за кого се купувани земјиштето и становите. Одбраната не достави докази дека тоа не е така. Откако се изведоа доказите во постапката, а јавноста слушна како се земале парите на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ но и на оние кои биле уценувани да дадат донации, очекував дека сите обвинети ќе признаат вина, или ако не признаат вина дека ќе покажат искрено каење. Не можам да не искоментирам како е можно да се брани со теза дека Алек Теранова преку секретарката ги купил за него. Ова дотолку повеќе што на влезот од зградата имало обезбедување, па сега некој би сакал да купи станови за да ги сокрие од неговата сопруга, токму врата до врата со Груевски. Сашо Мијалков неспорно е дека контактира со Ненад Јосифовиќ. Неспорно е дека контактирал со Алек Теранова, со Јордан Камчев и Мето Стојчевски. Дејствијата на Ристо Новачевски, нема да ги коментирам, бидејќи не ги негираше. Ниту Јордан Камчев не ги негираше делата за кои се гони, туку ја негираше правната квалификација“, додаде Трпков.

Се осврна и на одбраната која ја даваше адвокатот на Груевски. Според Трпков првично тој докажувал дека немал контакт со Камчев и дека биле во лоши односи, за потоа, откако излегоа аудио снимки, да се потврди спротивното.

„Нелогично е зошто на крајот од постапката, одбраната на Груевски си ја сруши својата теорија, со тоа што приложи дека Јордан Камчев и Никола Груевски разговарале. Суштината на перењето пари е да се скрие потеклото на валканите пари. Најефикасниот начин за откривање е со следење на патот на парите. На шемата се гледа како парите одат до Белизе па преку Стопанска банка АД Битола се враќаат во РС. Македонија. Најбитно е обвинетите за кои ќе се докаже дека го сториле кривичното дело да бидат осудени, а тоа што незаконски го стекнале, да не остане во нивно владение. Треба да се прати порака дека никој ама баш никој нема да биде поштеден од лицето на правдата, како и дека од секого ќе биде конфискувано што е нелегално стекнато ќе биде вратено на граѓаните“, додаде Трпков.

Експремиерот и бегалец, Никола Груевски е првообвинет за за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Тој во неколку наврати преку социјалните мрежи од Будимпешта се жалеше дека сите обвинети кои сведочеле против него, тоа го правеле затоа што биле уценети. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за кривично дело перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Обвинителката Лиле Стефанова од судијата Илија Трпков, побара на Никола Груевски да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената. Побарана е и конфискација на становите, за кои сведок тврдеше дека се на Груевски, а не се запишани како негова сопственост. Стефанова, за Ристо Новачевски побара обвинетиот да биде условно казнет, додека за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Сите негираа вина. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева, на која и застаре делото за кое се гонеше.

Случајот „плацови на Водно“, стана познат во јавноста пред точно седум години, односно во март 2015 година, кога одекнаа снимките на тогашната опозиција СДСМ за тоа како блиски лица до тогашниот премиер Никола Груевски планирале да купат атрактивното земјиште од илјадници квадратни километри, каде меѓудругото има и преубава шума.

Според документите од катастарот, три фирми ги имаа во раце атрактивните локации – фамозната компанија Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах Инижинеринг.

Името на Груевски не фигурираше никаде во оваа шема. Ниту пак името на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Единствена фирма која ѝ беше тогаш позната на јавноста е КАРА – компанија на семејството Камчеви.

Вредното земјиште беше составено од 6 парцели од вкупно 17 илјади квадратни метри. Секоја од фирмите поседуваше по 2 парцели, но најмногу имаше Сирах Инжинеринг.

Но тука не заврши се. Обвинителството во октомври годинава отвори нова истрага, за други плацови на Водно, кои се наоѓаат во близина на Шестата управа – фирмите се исти, повторно во игра се многу пари, ликовите се исти. Овојпат, сите плацови припаѓаат на фирмата Сирах Инжинеринг.

Според обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Во сето ова, тој не бил сам.

Обвинителката Лиле Стефанова докажуваше дека парцелите се купувани во време кога тие се уште се водат како шума, а во 2012 година се менува Генералниот урбанистички план и тие се пренаменуваат во градежно земјиште, па така расте и нивната цена. Во 2013 година, на скандалозната седница во Општината Центар, случај познат како „Насилство во Општина Центар“ или „Шамари во Општина Центар“, се менува и Деталниот урбанистички план.

Според обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на фирмата во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро сметката да му бидат дадени на располагање.

Новачевски, според обвинителството, во својство на управител на „Сирах“ извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на вредното земјиште со вкупна површина од 11 илјади квадратни метри.

Тој понатаму ја пренесува сопственоста на друго правно лице, во случајов на фирмите поврзани со Камчеви, кои понатаму ја преименуваат фирмата за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.

Би можело да ве интересира

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Одложено судењето за „Плацеви на Водно“, обвинителката Стефанова ќе се тестира за Ковид-19

Ана Ололовска

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Андов демантира дека Камчев се лекува со сол и газирана вода во затворот во Шутка, немал висок притисок

Се одложи „Плацови на Водно“, се преведуваат доказите од англиски на македонски јазик

Кристијан Ландов

Ново рочиште за случајот „Плацови на Водно“

Ана Ололовска