Наспроти вчерашната изјава на извршниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, дека се зголемила наплатата на радиодифузна такса затоа што граѓаните се задоволни од програмата, денешната анкета на А1он покажува дека граѓаните плаќаат под принуда.
Ниту еден од анкетираните за А1он не кажа дека е задоволен од содржината на телевизијата. Како што рекоа, плаќаат затоа што се плашат од казни, извршители и камати.
-Присилно ги давам парите. Не сум задоволен. Ако не плаќаме ќе ни ја блокираат платежната картичка – велат граѓаните.
Една госпоѓа што ја сретнавме, пак, се пожали дека пензијата на нејзината 76-годишна мајка и е блокирана поради сметките за радиодифузна такса, иако адресата на живеалиштето не се води на нејзино име.
На вчерашната јавна расправа за финансирањето на јавниот сервис, одговорните во МРТ рекоа дека е потребно зголемување на годишниот буџет од 14,5 милиони евра. Според нив, потребни се повеќе средства за јавниот радиодифузер да функционира стабилно. При тоа, Цветковски рече дека изминативе четири години се зголемила наплатата од 30 отсто, на 74 отсто. Тоа го припиша на наводно задоволните граѓани.
Маја Васева