По поморот на кучиња во Пехчево, а откако комуналните служби со багери ги собираа и фрлаа додека се уште се живи, градоначалникот на општината Драган Тренчовски, случајот го пријавил во МВР и смета дека тоа не е хуман третман кон животните. Случајот предизвика згрозеност во јавноста, а граѓаните и здруженијата за заштита на животни повикуваат на одговорност, особено по објавувањето и на снимките на кои се гледа како се уште жив самојед е фрлен во јама пред да биде закопан.
За Тренчовски ова е проблем кој се провлекува низ годините, но засега нема осомничени лица за труење на кучињата скитници.
„Наша обврска е усмртените животни да ги дислоцираме и да го дезинфицираме местото, но третманот, кучињата да се собираат на тој начин не е хуман. Затоа покренавме иницијатива за да службите утврдат кој е одговорен за овој чин. Исто така, случајот го пријавивме во МВР, кои сега испитуваат кој го направил масовното труење. Известена е ветеринарната станица, земени се изјави од сите инволвирани страни“, вели Тренчовски за „А1он“.
Градоначалникот на Пехчево вели дека пред пет месеци, кога претходно имало труење на кучиња, излегол со апел да отидат во општината и да пријават доколку знаат кој тоа го направил, се сомневаат и имаат докази против лицето. Но, досега, за овој проблем никој не пријавил детали во општината или МВР.
„Јас излегов со апел, но оставено е на нивна совест дали ќе пријават доколку знаат кој стои зад труењата. Јас чувам куче и премногу добро знам што значи ова. Целосно го осудувам случајов и барам одговорност“, додава Тренчевски.
Од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бараат итна полициска истрага и кривична одговорност од сите инволвирани кои стојат зад поморот на кучиња во Пехчево, односно, масовното, организирано труење низ цел град.
Кристијан Ландов