(ВИДЕО) Ѓорѓиевски: Договорот за промена на името е штетен и капитулантски

Од:

„Договорот за промена на името кој Заев и Димитров го потпишаа со Грција е штетен и капитулантски. Според членот 1 од договорот, името ќе биде обврзувачко и неотповикливо.

Заев ја запечатува судбината на државата и го менува името трајно. Заев трајно го понижува целиот македонски народ“, рече Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со овој договор Република Македонија доброволно се откажува од привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Грција, од 13 септември 1995 година, со која Грција се обврза да не го блокира нашето пристапување кон меѓународните организации под привремената референца.

Со овој договор Република Македонија дополнително се откажува и од пресудата на меѓународниот суд во Хаг од 2011 година, пресуда која нотира дека Македонија е во право, а Грција не е во право и истовремено наложува на Грција дека не смее да ја блокира Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е нешто што беше тешко стекнато и беше победа на нашата дипломатија во тоа време.

Заев и Димитров само со еден потпис ја укинаа одлуката на судот на Обединетите Нации во Хаг. Со овој договор Заев и Димитров се ставија над меѓународното право кое беше на страната на Република Македонија и истото го погазуваат.

Заев лаже кога вели дека Република Македонија ништо не губи со овој договор. Со потпишувањето на овој договор директно се задира во идентитетот и јазикот на нашиот народ, директно се менува Уставот и секаде ние ќе бидеме Северна Македонија.

Заев лаже дека нема да има промена на кодовите. Согласно овој договор за промена на името кој што го потпишаа Заев и Димитров кодовите се менуваат и наместо МК и МКД ќе биде НМ и НМК.

Ваквата капитулација не е и не може да биде покритие за криминалниот картел на власта. Ваквиот штетен договор не може да биде покритие за барањето поткуп кое што впрочем го видоа сите граѓани на Република Македонија и амнестијата која што истовремено сам си ја обезбеди Зоран Заев. Затоа Македонија не ги отпочна преговорите за членство со Европската Унија туку се бараат дополнителни услови и исполнување на реформи кои оваа неспособна и расипничка власт очигледно не умее да ги изведе.

Република Македонија е оштетена страна со овој договор, а целиот наш македонски народ е губитник. Ова понижување не смее да продолжи. Зоран Заев и СДСМ мора час поскоро да си заминат од македонската политичка сцена. Република Македонија мора да тргне напред“, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, тврди СДСМ

51 тендер во вредност од 16 милиони евра за три години од општините на ВМРО-ДПМНЕ за „Пирамид билдинг солушнс“, обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Бомбата на Кузеска е петарда која и пукна во рака, следен пат нека излезе на прес со проверени информации

Катерина Ѓуровски

Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е победа за правната држава

ВИДЕО: Нема да се градат кампови за мигранти од Британија, тврди Милошоски

Катерина Ѓуровски

Конгрес на децата на Орбан, реагира СДСМ по настанот за реизбор на Мицкоски