Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакна дека неговата партија ќе поведе надворешно политичка иницијатива за пристапување на Македонија кон иницијативата „Три мориња“ во која што членуваат дванаесет европски земји во триаголникот на морињата од Балтикот, од Црно Море и од Црно Море до Јадранско море.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе ги насочи своите надворешно политички ресурси, иницијативи и контакти со цел за обезбедување на Република Македонија на нејзино полноправно членство во оваа важна регионална иницијатива. Се работи за иницијатива која што покрива еден милион и двесте илјади километри квадратни и повеќе од 110 милиони жители. Членки на оваа иницијатива три мориња за која што сакаме и Република Македонија да се приклучи се следните дванаесет земји, тука се трите Балтички земји, Литванија, Естонија и Латвија, понатаму средноевропските земји како што се Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, на оваа иницијатива се приклучи исто така и Австрија како една од истакнатите земји членки на Европската Унија, понатаму тука во оваа иницијатива се Словенија и Хрватска, како и Романија и Бугарија. Сметаме дека Република Македонија треба да биде тринаесеттата земја членка која што ќе се приклучи на иницијативата „Трите мориња“, рече Ѓорчев.
Тој додаде дека се работи за европска иницијатива која е силно поддржана од САД. За време на посетата на Вашингтон претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја спомнале оваа идеја на средбите со конгресмените во Вашингтон и наишле на поддршка.
– Ова иницијатива ќе ја лансираме и во рамките на европската народна партија каде што членува ВМРО-ДПМНЕ и преку Европската народна партија, преку нашите контакти во Брисел ќе ја промовираме оваа идеја. Исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира и средби со амбасадорите на земјите членки на иницијативата на „Трите мориња“ односно сите оние кои што се акредитирани во Скопје, каде што ќе образложиме и промовираме оваа идеја. Клучните работи на којшто е сконцентрирана оваа иницијатива се инфраструктурните проекти, односно автопати како и делот на енергетската безбедност и енергетските коридори. Значи ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покренува силна меѓународна иницијатива а тоа е пристапување на Република Македонија на иницијативата на „Трите Мориња“ каде што членуваат 12 европски земји од Балтичкото море преку Црното море и од Црното море до Јадранското море и во тој дел Република Македонија треба да се приклучи кон оваа групација, рече Ѓорчев.
Ѓорчев напомена дека до сега се одржани 2 самити на оваа иницијатива: во 2016. година во Дубровник и во 2017. година во Варшава, каде што покрај 12 европски лидери се обрати и претседателот на САД, Доналд Трамп, а третиот самит е закажан за оваа 2018 година во Букурешт.