Универзитетскиот професор и поранешен министер во владите на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа посочува дека без директна вклученост на меѓународната заедница, спорот за името нема да се реши. Ако се врати интересот за Македонија кај Американците и кај Европјаните, тогаш ќе ни создадат можности за излез.
„Литературна ситуација е на диктатурите, односно на авторитарните режими, посилни, потврди или поблаги, до така наречениот софт авторитаризам да создаваат лажна динамика на општествено живеење, бидејќи вистинската динамика на развој на општеството ја пресекуваат, ја гушат и создаваат филм, лажна динамика. На пример кај нас лажната динамика се апсења, афери, голема продукција на закони кои се бесмислени или во судир со претходните и во овој контекст уставните измени се голем политички спин околу кој сега треба јавноста да се бави, да расправаме, еве сериозно да ги земеме предвид, па експерти да ги анализираат…
– Сè е тоа продукција, политичка операција која се вика спинување. Измамата се претвора во, теориски тоа се вика симулакрум на развој, а всушност не постои ништо и сега неколку примери околу уставните измени ќе ви кажам како тоа се докажува. Поголемиот дел од уставните предлози се всушност материја која се уредува со закон, а не со Устав. На пример економски зони, задолжување, прашањето на бракот, сè е тоа веќе решено во закони или досега било решавано со закони или други држави го решаваат со закон. Решението тоа да се подигне на уставно ниво значи практично да се обесчести Уставот, да му се тупне како во вреќа сè внатре, како нешто позначајно да било, а всушност се спинува демек расправа за уставни промени за кои тотално нема потреба. Кај уставната тужба ситуацијата е потрагична. Уставната тужба значи дека Уставниот суд, ако се усвои измената, ќе стане четврта инстанца за човековите права. Значи до Врховен се оди, да речеме, или до Апелација и потоа лицето може да тужи до Уставен, па потоа до Стразбур. Тоа во ваква ситуација значи одложување на процесот на жалење за прекршените права и да го комплицира со тоа што ќе го загуши Уставниот суд со стотина права по не знам колку случаи и ќе настане лавина кон Уставниот суд. Потоа ќе се случи и друг проблем, а мислам дека тоа намерно го прават. Пресудите на Стразбур се на ниво на меѓународни договори. Меѓународните договори, според нашиот Устав, бидејќи не сме членка на ЕУ, се под Уставот, а над законите, па ќе се случи ваква ситуација – Негативната, да речеме, одлука од Стразбур ќе се судри со евентуално позитивната одлука дека не е прекршено правото од Уставниот суд. Ќе се јави уставно-правен спор, која одлука важи, која пресуда е важна за моето право, онаа од Стразбур или онаа од Уставниот суд. Истото важи за промените во Републичкиот судски совет. Велат дека тие ги барале меѓународните организации, има нешто околу составот вистина во тоа, но денеска прашањето на Републичкиот судски совет не е клучно за кршење на фундаменталните човекови права што го прави целото судство. Каде беа досега со тие измени? Откако го наполнија судството со партиски војници, сега тоа може да го направат“, вака Фрчкоски ја коментира намерата на Владата за 8 измени во Уставот, во време кога опозицијата е надвор од Парламентот.
Според Фрчкоски, бојкотот делумно е решение, излегувањето од институциите и нивото делегитимирање е стратегија на борба. Со влегувањето внатре во институциите, вели, вие им давате легитимитет, а не влијаете никако на нивните исходи.
„Значи, оставајќи ваква дупка во легитимитетот, која гнои, е единствена од операциите кои можете да ги направите, посебно ако очекувате дека ќе биде полошо, а во Македонија ќе биде полошо, прв пат во историјата ги гледаме дека комплетно немаат пари за плати, а тоа оди понатака, немаат можности ни да бираат. Режимот почнува да има црн профил во меѓународната јавност. Зошто би помагале таков режим?“, прашува Фрчкоски.
Политиката, вели, е ринг во кој треба да се судрат интересите, а не спална соба за ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Сакаме да видиме судир на различните интереси, а тоа сега го нема и државата оди надолу со едно темпо кое застрашува. Ако случајно не ја загубиме препораката, ако остане сè исто, опозицијата по мое мислење треба да го радикализира настапот, да ги напуштат и локалните самоуправи, целоно, ќе им ја остават државата во тој дел.
„Македонија во услови на изолација, ако пропаднат нашите обиди, има сериозна ситуација да стане како дел од африканските држави, значи таа скапува. Јас не се согласувам со дел од левицата која смета дека уривањето на економскиот стандард ќе ги освести луѓето и тие ќе гласаат за опозицијата и ќе ја казнат владата. Не се случува тоа. Погледнете кај левицата во Европа, финансиската криза која беше криза на крупниот капитал не ѝ донесе сила на левицата, напротив десницата пак си седи на власт, а некаде и се засили по други теми. Тоа е митовите, дека ние сме под закана од други, дека овие нас не бранат и дека на нив ништо не се лепи како тефлон. Тие може да бидат најцрните разбојници во економијата, Македонците во еден голем дел, можеби не во толку голем број како порано, сè уште им веруваат дека тие нас не бранат, дека опозицијата е инационална, таков систем има и тоа нив ги спасува од изборен пораз. Пропаѓање на овој начин, имаме апокалиптична перспектива, нема да се случи промена, може да се случи највеќе излез со некаква техничка влада, па излез натака, тоа би била оптимистичката верзија. Другата верзија е ќе пукнеме од внатре, ќе се поделиме, Албанците ќе почнат економски да се ориентираат кон своите региони, нема да се променат државите, ама нема да има контрола внатре, зашто системот е во распаѓање, економско распаѓање, нема пари, високата средна класа сериозно осиромашува, не оние што веќе се сиромашни, така што бунтот ќе се засилува, а власта е пресилна, одговара со диктатура и тоа е еден распад кој затворени внатре ќе нè пукне и нема да може да се вратиме во состојба на Охридски рамковен договор, ќе се поделиме како федерација внатре. Тоа ќе биде резултат од пропаста на овој нивен проект. Тоа е моето мислење во случај на негативна апокалиптична разврска. Позитивната е кризата да доведе до нова влада на голема коалиција, техничка или каква сакаат друга и тоа да биде некаков влез во разрешување, во подигнување на нивото. Тоа се две опции, тие се прилично остри за нас, нема средина, вели универзитетскиот професор и поранешен министер во владите на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.