Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 32. програмски Конгрес на партијата под мотото „Твоја држава – твоја шанса“, порача дека СДСМ треба да се врати кон суштинските вредности на социјалдемократијата и да стане „совест на државата, глас на трудот и заштита на понижениот човек“.
Според Филипче, Конгресот не е само формално усвојување на нова идеолошка платформа, туку почеток на „нов морален завет“ на партијата.
„Денес сме собрани не само за да изгласаме документ, туку да одлучиме дали СДСМ ќе стане тоа што отсекогаш требало да биде: совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна. Денес не ни треба нов партиски речник, туку нов морален завет“, рече Филипче во своето обраќање.
Тој нагласи дека социјалдемократијата е идеја која човекот го става во центарот на политиките и се темели на еднаквост, солидарност, правда и демократија.
„Државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами. Слободата без еднаква шанса е привилегија. Пазарот без правила станува џунгла. Профитот без одговорност станува алчност. Патриотизмот без грижа за обичниот човек е само мачкање очи“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека вистинската социјалдемократија не се мери со политички говори, туку со квалитетот на животот на граѓаните.
„По висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж. Таа не верува во милостина, туку во праведност“, рече тој.
Осврнувајќи се на програмските определби на партијата, Филипче нагласи дека СДСМ останува посветен на правда наместо привилегии, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо, како што рече, „националистичка магла“.
На Конгресот присуствуваа членови на СДСМ и коалициските партнери, како и претставници на сестрински социјалдемократски и прогресивни партии од Европа и регионот. Според раководството на партијата, новата програмска платформа треба да ги дефинира идните политики на СДСМ со фокус на социјалната правда, достоинствените услови за живот и европската перспектива на државата.
