(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски нема капацитет да води држава

Од:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција оцени дека Владата не ги исполнила обврските од Реформската агенда во рокот што, како што рече, самиот го поставил премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски нема капацитет да води држава, тој се грижи само за себе, го лаже народот за да граба народни пари преку партиски фирми, обвини Филипче, потенцирајќи дека неисполнувањето на реформската агенда е потврда дека влада нема капацитет и не сака нешто да направи за членството во ЕУ.

Според Филипче, до јуни 2025 година требало да бидат донесени 16 закони во рамки на Реформската агенда, но биле усвоени само шест. За преостанатите десет закони бил одобрен дополнителен рок до јуни 2026 година, а во меѓувреме, како што посочи, биле донесени само два закона – измените на Царинскиот закон и Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

„Од тие 10 закони кои не беа донесени во јуни 2025 година, а за кои рокот беше продолжен до јуни 2026 година, повторно реализацијата е само 20 проценти. Донесени се само два закона“, изјави Филипче.

Тој тврди дека дел од клучните закони кои Европската Унија ги смета за важни за реформскиот процес сè уште не се усвоени или не се донесени во согласност со европските препораки. Како примери ги посочи Законот за Судски совет и Законот за електронски комуникации.

Филипче оцени дека состојбата е особено загрижувачка во делот на владеењето на правото, независноста на институциите, енергетиката, финансиската транспарентност и државната помош, области кои, според него, се поврзани со европските интеграции и пристапот до европските фондови.

Тој наведе и список на закони кои, според СДСМ, сè уште не се донесени, меѓу кои се законите за обновливи извори на енергија, организација на државната управа, системот на плати во јавниот сектор, заштита на конкуренцијата, контрола на државната помош, судството, јавното обвинителство, Изборниот законик и Кривичниот законик.

Според Филипче, Владата намерно го забавува спроведувањето на реформите, а како причина го посочи, како што рече, избегнувањето на механизми за контрола поврзани со европските финансиски средства.

Во обраќањето тој повторно повика на продолжување на евроинтегративниот процес и предложи распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за европскиот пат на државата.

„Времето истекува, а регионот оди напред. Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата од преговорите. Оваа Влада едноставно не сака во Европа“, рече Филипче.

Би можело да ве интересира

Би било некултурно да се очекува да ни се промени ставот за Бугарија преку ноќ, вели Мицкоски пред посетата на Кошта

Љубопитни сме да дознаеме повеќе на претстојниот Самит во Тиват, вели премиерот за предлогот на Мерц

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Владата нема информации за унгарското државјанство на Груевски

Катерина Ѓуровски

Владата одлучи: Нема да трошиме време и пари на референдум за европскиот пат

Горан Наумовски

ВИДЕО: Филипче бара референдум за ЕУ: Граѓаните да одлучат дали сакаат да ја платат цената заради Мицкоски

Муцунски и Мицкоски да се огласат по предлогот на Мерц, бара Левица

Катерина Ѓуровски