Во текот на мандатот нормално е да се појавуваат одредени теми за кои ќе има различни разгледувања, ќе има дебата и има дебата и јас мислам дека тоа е здраво во коалицијата да се бара компромисно решение“, вели вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Дали е вистина дека секторот за имплементација на Рамковниот договор е еден од најпрофитабилните, бидејќи преку него се реализираат вработувањата на Албанците во државната администрација?
Прво тоа е шпекулативно и од почит кон вашиот медиум прифаќам да се разговара за тоа. Јас се сеќавам дека еден пратеник од опозицијата шпекулираше за тоа дека најпрофитабилен е секретаријатот кој има најмал, најскромен буџет, и тоа за некои студии, анкети, вработувања, менаџирања на процесот на вработувања и тоа е шпекулативно и обид да се поентира и обид да се злоупотребува позицијата на пратеник во Собранието.
Дали се шпекулација и информациите дека за да стигнат до работното место, одредени кандидати се подготвени да платат и до 3.000 евра. Како тоа го коментирате?
Јас не сакам тоа да го коментирам, тие што инсистираат на тоа треба да бидат малку потранспарентни кон јавноста. Тоа е скандалозно, тоа е претерано шпекулативно, никогаш немало такви притисоци, нема да има, во најмала рака треба да се појават кај институциите тие на кои некој им врши таков притисок за да се добие такво место со таква понуда.