ВИДЕО: Државни станови и автобуски превоз наместо високи кирии и патни трошоци за пратениците

Од:

Дел од пратениците побарале да ги раскинат договорите за становите за кои Собранието им плаќа кирија од 400 евра, плус сметки од 100 евра. Ова следува откако „А1он“ неодамна откри дека од пратениците кои доаѓаат од внатрешноста, голем дел изнајмуваат станови од нивни роднини и пријатели, речиси сите ги користат комплетните бенефиции и изнајмуваат станови за максималната сума, без разлика на квадратурата, а за дел постојат сомнежи дали навистина живеат во становите што ги изнајмуваат.

Засега од Собранието нема одговор ниту од кои причини пратениците барале да се раскинат договорите, ниту пак колку вкупно пари се одвојуваат од буџетот за патни трошоци и за кирии.

Антикорупциската комисија е децидна по ова прашање – пратениците треба да се откажат од сите екстра надоместоци и да донесат закони со кои ќе ги избришат своите привилегии. За Билјана Ивановска, претседателка на комисијата, „невкусно е пратениците да имаат високи привилегии додека народот се соочува со тешка сиромаштија“.

„Сметам дека пратениците кога ги гласаат прописите со кои одобруваат да имаат привилегии, треба пред себе да ја имаат економската состојба на земјата, на увид. Без тоа, сите привилегии ќе штрчат кај луѓето, бидејќи не е вкусно од една страна пратениците да имаат високи привилегии, а од друга страна народот да се соочува со тешка сиромаштија. Јас од пратеничкиот дом апелирав, еве за почеток, како борба против корупцијата нека биде откажувањето на пратениците од привилегиите. Но, во секој случај, државата треба да им овозможи на пратениците да функционираат. Сепак, тоа треба да биде во рамките на економската моќ на државата. Зошто на пример, на пратениците, наместо патни трошоци не им се одобри бесплатно користење на јавен сообраќај, автобуски или железнички, било каков, на територија на цела држава? Со тоа, многу би се намалиле патните трошоци кои не знам дали буквално им следуваат според тоа што е напишано, бидејќи таму се вели „може да се користат за службени цели“, а тие ги користат за доаѓање на работа. И тоа е дискутабилно и треба да се искристализира“, вели Ивановска.

Изградба на функционерска зграда во која би биле сместени народните избраници, бесплатни автобуски карти за патување низ земјава и слични мерки би биле многу подобар начин за да се реши ова прашање, а притоа да се заштедат пари од буџетот.

Но, наместо тоа, за тринаесетте пратеници Собранието на годишно ниво плаќа речиси 80 илјади евра за кирија и сметки, а тие дополнително користат и патни трошоци.

Откако „А1он“ ја објави сторијата, претседателот на Собранието Талат Џафери наместо да развие дебата во јавноста на темата, тој ги искара новинарите дека се мешале во приватноста и ја загрозувале безбедноста на пратениците.

Но, кога се работи за јавни пари, а особено кога постојат сомнежи за злоупотреби, приватноста станува јавен интерес. Ова дотолку повеќе што истражувањето на „А1он“ покажа дека пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Ане Лашкоска, станот го изнајмува од сестрата на снаата. Нејзината сопартијка Лилјана Затуровска изнајмува стан од истото семејство како и Лашкоска. Кети Смилеска, пратеничка од СДСМ станот го изнајмува од нејзиниот сопартиец и поранешен пратеник, Менде Диневски. Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, станот го изнајмува од својата золва.

Сето ова, според Законот за спречување на корупцијата спаѓа во доменот „блиски лица“ на кои во случајов, овозможена им е имотна корист.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Демократи ги промовираше кандидатите за пратеници: Да ги тргнеме од власт 33-годишните робовладетели

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов