Александар Атанасов до ден денешен ја обавува функцијата директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје со несоодветна диплома за што поседуваме документи потпишани од министерот за образование и наука, господинот Пиштар Лутфиу каде што се вели дека дипломата на Атанасов стекната на еден од странските колеџи во Грција е несоодветна и непризнаена во Република Македонија, вели претседателот на СУТКОЗ, Дарко Димовски.
Директорот на ЈП Водовод и канализација на 14 октомври минатата година поднел барање за нострификација на неговата диплома, при што добил одговор од министерот Лутфиу дека дипломата не може да биде нострифицирана. Атанасов ова не го пријавил во Град Скопје од каде што е назначен, па и понатаму ја врши должноста генерален директор.
Од СУТКОЗ прашуваат, како Атанасов дошол на таа функција знаејќи дека претходно имало објавен конкурс во Град Скопје каде што требаше да се поднесат соодветни, валидни документи и врз база на тие документи да биде избран директор на ЈП Водовод и канализација. Тие го спорат целиот мандат на Атанасов и велат дека клучот е кај градоначалникот Коце Трајановски кој според членот 23 од законот за работа на јавните претпријатија ги вработува и разрешува директорите.
Директорот Атанасов кој ја врши оваа функција од 15 февруари 2015 година бркал од работа и казнувал вработени во претпријатието поради пишани изјави од потрошувачи. Вработените велат дека позади ваквите одлуки на Атанасов се кријат партиски мотиви.
– Вработени во ЈП Водовод и канализација се бесправно избркани и против нив Александар Атансов не го применил колективниот договор ниту пак се раководел по законот за работни односи, туку на своја рака со само за него познати причини и критериуми ги избркал врз основа на пишани изјави од потрошувачи кои до ден денеска не се проверени дали се точни или пак се докажани на суд дека се веродостојни, рече Димовски додавајќи дека се казнети и деградирани преку 700 лица.
Од синдикатот стапиле во контакт со Атанасов за да му укажат дека треба да се почитува колективниот договор, но тој не го прифатил тоа.
– Со Атанасов пробувавме да стапиме во контакт, дури и се наоѓавме по скопските кафани за да му укажеме дека треба да го почитува колективниот договор и законот за работни односи, но тој тоа истото не го прифати со зборовите јас имам еден шеф и тоа што тој ќе ми каже јас тоа ќе го направам, вели Димовски.
Синдикатот апелира до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, веднаш да го разреши Александар Атанасов од функцијата генерален директор на Водовод и канализација – Скопје бидејќи како што велат, тој не може да раководи со институцијата со ова образование кое го има стекнато на странски колеџ во Грција. Доколку тоа не се случи, синдикатот најави дека преку адвокат ќе бидат поднесени кривични пријави и по правен пат ќе се бара негово разрешување.
Даут Салиу кој е избркан од ЈП Водовод и канализација вели дека Атанасов е криминалец кој бркал луѓе на етничка и партиска основа.
– Кој не е со него и со ВМРО-ДПМНЕ мора да си замине, јас имам 32 години работен стаж во Водовод и избркан сум за банална работа за која тужев на суд и пресудата беше во моја корист. Тој човек е криминалец и е осуден на две години условно во Гевгелија, а си држи директорско место. Атанасов брка на национална база, до сега се избркани 8 Албанци без основа. Дојде време едно дете од 28 години да брка луѓе кои придонеле за претпријатието, вели Салиу.
Виктор Јованов