(ВИДЕО) Димовски: УБК заминува во историјата, денеска е првиот работен ден на Агенцијата за национална безбедност

Од:

Започнува со работа Агенцијата за национална безбедност, соопшти денеска деректорот на институцијата, Виктор Димовски, истакнувајќи дека сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.

– Денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата. Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата. Од денеска започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија, нагласи Димовски.

Посочи дека Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ.

– Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 е формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување, наведе директорот на АНБ.

Рече дека она, што ја прави Агенцијата современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција, истакнувајќи дека Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.

– Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница, информираше Димовски.

Нагласи дека процесот на реформи на безбедносниот сектор сепак, не завршува со денот на отпочнување со работа на Агенцијата за национална безбедност.

– Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, систем кој може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност. Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на Агенцијата кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата, изјави Димовски.

Изрази уверување дека со работата на Агенцијата за национална безбедност во целосна согласност со уставната и законската рамка во нашата земја и со целосно почитување и спроведување на основните европски вредности ќе демонстрираме не само определба, туку и капацитет да се носиме со сложените безбедносни предизвици во претстојниот период.

Би можело да ве интересира

Возач од Македонија имал мозочен удар во Унгарија, денеска е пренесен во Скопје со медицинскиот хеликоптер

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

МВР: Три кривични пријави за полицаец од Крушево

Тројца приведени за пожарот во Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Дали Муареми бил уапсен во Дубаи, па пуштен на слобода – Официјални информации се уште нема

Александар Тодески

Автомобил излета од патот Тетово – Попова Шапка, загина возачот, 80 годишен Австриец

Анита Петровска Рајковиќ