Повеќе од евидентна е партиската и полициската солидарност со насилниците. Ноќта пријавив случај на 192 во кој што посочив дека физички сум нападнат јас и гостите на приватната забава, по интервенција на полицијата не бев повикан во станица да дадам свој исказ како лице кое што пријавило случај, а подоцна, како и вообичаено до сега, МВР излезе со став во кој што ме обвини неосновано. Сакам да потенцирам дека за целиот случај е погрешно утврдена фактичката состојба на настанот и дека има инволвираност на лица кои што се полициски припадници, рече пратеникот од СДСМ, Максим Димитриевски врз кој беше извршен физички напад во еден кумановски локал додека присуствувал на приватна забава.
– Вчера во текот на денот очекував од страна на СВР Куманово да бидам повикан на распит и да дадам исказ по однос на пријавата која што уредно ја поднесовме вечерта кога се случи настанот, но во текот на денот не добив покана од страна на СВР Куманово. Во вечерните часови отидов самоволно и пред надлежен полициски инспектор побарав да дадам исказ по однос на настанот и да ја потврдам пријавата која претходно беше телефонска, рече Димитриевски.
Поради како што вели самиот Димитриевски непрофесиналноста на полициските служби тој денеска ќе поднесе пријава и приговори во однос на настанот до одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи. Од страна на полициските службеници на Димитриевски му било кажано дека во евиденцијата на МВР не се води како пријавител и покрај тоа што лично тој телефонски го пријавил немилиот настан во полиција.
– Недозволиво е во една демократска држава да настан кој што е пријавен од лица кои се физички нападнати не биде воопшто евидентиран во полициската евиденција на полициска станица во Куманово. Уште полошо е што дел од насилниците кој што физички ме нападнаа мене и членовите на моето семејство беа во видно алкохолизирана состојба, а при тоа истите од страна на групата за интервенција не беа спроведени и не им е направено алкотестирање и друг вид на основни процеси на постапување во ваква состојба од страна на полициски службеници, вели Димитриевски.
Тој лично им посочил на полицајците кои вечерта интервенирале дека лицата се вооружени, при што од страна на едно од службените лица му било напоменато дека истите имаат право да носат оружје бидејќи се полицајци. На ова Димитриевски му дал до знаење на полицаецот на должност дека истите се во видно алкохолизирана состојба и треба да им се направи алкотестирање, но и покрај на напаѓачите не им бил направен тест за количината на алкохол во крвта.
Вчера во дел од медиумите излезе видео запис каде 28 годишно момче вели дека пратеникот ја започнал физичката пресметка при што му задал тешки телесни повреди. Оваа изјава Димитриевски во целост ја демантираше велејќи дека е тотална невистина.
-Во момент кога сте нападнати дали може да нападнете некој друг, јас седев на своето место, а од маса која беше одалечена најмногу 10 до 15 метри се затрчаа првично еден, а потоа двајца луѓе. Јас со нив до тогаш немав никаков физички контакт, вели Димитриевски.
Виктор Јованов