Јусуф Енузи-Кока е осуден на четири месеци затвор за пукањето на плоштадот „Скендербег“, додека илјадници демонстранти маршираа кон Министерството за надворешни работи. Тој беше гонет за предизвикување општа опасност, каде е предвидена казна од една до пет години. Одмерената казна е под законскиот минимум. Тој останува во домашен притвор, се до правосилноста на пресудата.
„А1он“ се обиде да стапи во контакт со судот, но оттаму не добивме информации кои се олеснителните околности поради кои е одредена ниската казна. Казната е одмерена по само едно рочиште, а по поднесен обвинителен акт пред осум дена.
„За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух“, претходно информираше Обвинителството.
„А1он“ побара и став дали ќе се поднесе жалба на ваквата пресуда, на што Обвинителство рече дека ќе се поднесе откако ќе ја примат писмено пресудата.
Пукањето на плоштадот „Скендербег“ се случи за време на протестите против францускиот предлог.