Триметарскиот картонски споменик на диктаторот што на перформансот на „Ајде! – платформа за граѓанска политика“, денеска беше симболично урнат пред зградата на Македонската радио телевизија, не значи уривање на МРТ, туку е симбол на оние што ставија рака врз неа, претворајќи ја во мегафон на партиски интереси.
Новинарот Зоран Бојаровски им се обрати на своите колеги од МРТ – Не плашете се и излезете.
Излезете од корупките. Нека ве огрее сонцето на слободата над Македонија, нека ве допрат неговите зраци на вистината, нека ве помилува топлината на слободниот збор, зашто новинарите и медиумските работници се деца на сонцето, на слободата, на вистината.
Ајде колеги, тука сме да ви помогнеме, да ве поддржиме Тој рече дека МРТ треба да обезбеди јавен дијалог и арена за широка дебата за прашања од јавен интерес и дека не треба да застапува и да заштитува интереси на определена политичка партија. Во сегашнава ситуација, ова што сега го прави МТВ е спротивно со статутот на Македонската радио телевизија, рече Бојаровски.
На крајот, Бојаровски истакна дека МРТ е сопственост на сите граѓани и дека таа треба да им се врати на тие што им припаѓа – на граѓаните.