Триста илјади новинари од Меѓународната и Европската федерација на новинари застанаа со поддршка за притворениот новинар Томислав Кежаровски, а нивните претставници и вечерва во Клубот на новинари ја изразија солидарноста со македонскиот новинар.
Претседателот на Европската федерација, Мојенс Бјерегард вечерва повика на обединување на сите новинари и нивно активирање за да се ослободи Томислав Кежаровски.
Тој кажа дека во текот на денот го посетил притворениот новинар, и нагласи дека многу е важно да не прекине борбата за слобода на медиумите и новинарите да можат да си ја вршат својата работа.
-Борете се за истражувачкото новинарство, ќе ја добиете поддршката од сите нас, зашто тоа е многу важно. Македонските новинари овде се изложени на многу предизвици, но единствен начин да се успее е да се бориме без прекин, само да се бориме, и ајде заедно да го направиме тоа, за подобри услови за новинарите, за медиумите, за слободата на изразување. Власта во сите земји знае дека ние ќе направиме се за да има истражувачко новинарство, рече Бјерегард.