ВИДЕО: Без фасада и прозорци зјае зградата на ЕСМ сред Скопје, две години чека модерно решение

Од:

Без фасада и прозорци, налик напуштен објект зјае зградата каде беше сместена ЕВН, а која сега е целосна сопственост на ЕСМ. Две години се бара фирма за изградба на нова фасада, но и модерно решение за изгледот на зградата како замена за непоставениот барок. Зградата веќе седма година е без фасада, но тоа не забележуваше од завесите и скелињата кои беа поставени од фирмите „Бетон“ и ЕВН го раскинаа договорот. Како ќе изгледа зградата, натаму не знаат ниту ЕСМ.

„Во однос на фасадата, заедно со Град Скопје и општина Центар ќе се определи ново, модерно идејно решение кое ќе биде во согласност со определбите на градот за визијата на Скопје и на строгиот центар“, велат од ЕСМ за „А1он“.

Откако ЕВН се исели, во зградата на плоштадот „Македонија“ се сместени само вработените во ЕСМ, кои четири години чекаат новата управна зграда да им биде ставена во употреба. По преселбата, ќе одлучат што се прави со старата зграда сред плоштадот. Неофицијално, не се исклучува и можноста таа да биде продадена, а фасадата и прозорците да ги прави купувачот.

„ЕСМ располага со нова управна зграда на улица Македонија (спроти музеј на град Скопје), која се уште не е ставена во употреба. Ситуацијата е затекната како проблем уште при промената на власта во 2017г. а до истото е дојдено поради необезбедување на дозволи за измени во тек на градба додека објектот се градел. Во моментот АД ЕСМ, Министерството за транспорт и врски и другите надлежни субјекти се во фаза на изнаоѓање решение за ставање во употреба на новата зграда. Во меѓувреме се прави интерен технички прием на зградата  и сите други активности кои можат да се спроведат во овој момент од страна на компанијата. По извршеното преселување, заедно со Владата како сопственик на АД ЕСМ ќе се донесе одлука за сите прашања што се однесуваат на објектот стара управна зграда, како што е нејзината понатамошна употреба“, објаснуваат од ЕСМ за „А1он“.

Претходното раководство на ЕСМ прифати фасадата на зградата да биде барокна како и околните, а изградбата ја правеше компанијата „Бетон“. Откако изби пожар, изградбата беше стопирана со образложение дека не се користени материјали соодветни на стандардите за огноотпорност. По застојот со изградбата, беше раскинат и договорот со „Бетон“, а ЕСМ требаше да распише нов тендер за изградба на фасадата.

Зградата на помеѓу плоштадот „Македонија“ и Градскиот трговски центар е изградена во 1962 година. Фасадата ја дизајнираше и реализираше архитектот Ѕвонимир Никуљски, кој го испочитувал делото на првичниот архитект, Бранко Петричиќ. Стаклото е додадено на фасадата во 2000 година, кога таа за првпат била реконструирана.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: ДЗР откри неправилности во работењето на АД ЕСМ за период од 2019 до 2022 година

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

ЕСМ: Соработката со потрошувачите е клучна за претстојната грејна сезона

Предраг Петровиќ

Мицкоски: Има сомневања за сериозни злоупотреби во АД ЕСМ

Предраг Петровиќ

АД ЕСМ: Грејната сезона продолжува поради временските услови

Изборот за нов универзален снабдувач обвиткан со тајност