Возачот Јордан Ѓ. со лисици на рацете го напушти Кривичниот суд по два часа распит и исто толку чекање на одлуката за одредување на притвор. На излез пред судските врати, скоро пет часа го чекаше неговото семејство. Откако излезе од судница, тие му дадоа јакна и неопходни работи, разговараа на кратко, по што полицијата го спроведе во комбето. Еден од членовите на семејството го испрати до полициската „марица“.
Тој не разговараше со новинарската екипа на „А1он“. Не одговори на прашањето дали знае со колкава брзина возел во моментот кога ја усмрти 24-годишната Викторија Николова од Радовиш, а го повреди нејзиното момче. Молк имаше и на прашањето дали чувствува вина за тоа што се случи вчера на раскрсницата кај „Сити мол“.
Неговото семејство, веднаш по спроводот, прашуваше дали и кога може да го посети во затворот во „Шутка“, каде е спроведен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци. Возачот, по сообраќајката никогаш не отиде дома, туку веднаш беше спроведен во полициска станица, па во Обвинителство на распит и на крај пред судија на претходна постапка во скопски Кривичен.
Како што веќе објавивме, на возачот му е одреден 30-дневен притвор по што е пренесен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Адвокатот Јанковиќ кој го застапува, најави жалба.